1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Како да се разоружаат либиските милиции?

За време на востанието против Гадафи, во Либија беа создадени бројни милиции. Преодната влада планира да ги расформира, но не сите.

Колку ги има, не може никој да каже. Но, се претпоставува дека во Либија се активни стотици милиции. Откако го соборија заедничкиот непријател, Моамер Гадафи, сега се борат меѓу себе. За разлика од Тунис и Египет, во Либија не постои единствено централно воено раководство, кое по почетокот на револуцијата на 17 октомври 2011. година брзо можеше да донесе одлука. Армијата се растури на војници, кои се приклонија кон диктаторот и други, кои пребегаа кон бунтовниците. Бунтовниците пак, се организираа во различни милиции и со помош на НАТО се бореа за пад на режимот.

Различни интереси

Во меѓувреме, Либијците ја градат својата нова држава. Притоа милициите , кои придонесоа кон падот на Гадафи, станаа најголем предизвик за преодната влада.

„Тие сите имаат различни интереси“, вели Гинтер Мајер, професор по економска географија и раководител на Центарот за истражување на арапскиот свет.

„Притоа интересите на различни племиња играат решавачка улога. Ривалството меѓу племињата води до меѓусебни судири“.

Најголем дел од милициите функционира врз локално групирање.

„Постојат и салафистички и исламистички групи, оосбено во источниот дел од земјата“, вели Мајер.

За времето на диктаторот Гадафи источниот дел од земјата беше центар на отпорот против него. Гадафи тогаш еднакво се пресметуваше со суфиите, како и со исламистите. Колку и да се различни меѓусебно двете групи, едно им е заедничко - и двете се критички настроени кон преодната влада. „Меѓународните тајни служби сметаат дека источниот дел од Либија со салафистичките групи претставува важен регрутен центар за Ал Каеда“, вели Мајер.

Споредено со Тунис и Египет, либиските исламисти се во секој случај помалку политички влијателни, вели Омар Ашор, директор на Програмата за Блискиот исток на универзитетот Ексетер.

Слаба армија

Во сите делови на Либија милициите се тешко вооружени и не се подложни на контрола.

„Дури и членовите на владата ситуацијата во Либија ја оценуваат моментно како анархија“, вели Гинтер Мајер. За земјата повторно да стане побезбедна, владата презеде кампања за разоружување и најави расформирање на милициите. Проблем е што државата нема средства за тоа да го изврши. Зашто, либиската армија со падот на Гадафи се распадна и допрва се формира наново. Бројни борци во рамките на акцијата за разоружување го предадоа оружјето. Но, во земјата и во соседството во оптек е уште огромно количество оружје, а не сите милиции имаат интерес од мирен нов почеток под власт на преодната влада.

За да ги дисциплинира милициите, владата планира дел од нивните членови да ги вклопи во армијата, барем двете единици „Рафалах“ и „Маченичката бригада од 17 октомври“ во кои тон даваат исламистите.

Минатите недели инаку и населението демонстрираше и бараше разоружување на бројните милиции, меѓу другото и поради инцидентот со убиството на американскиот амбасадор во Либија Кристофер Стивенс и тројца други американски дипломати.