1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Како да се отплетка гордиевиот јазол?

Професионалните војници на АРМ бараат да останат на работа и по навршената 38-ма година. Владата не се согласува и им нуди само уште 10 години платена активна резерва. Засега нема и не се гледа компромис на проблемот.

default

Војници на АРМ

Ладно е и дождливо, но тоа не е проблем. Учени сме ние да бидеме на вакви услови. Битно е да се најде решение за нашиот проблем. А тоа е да не останеме без работа. Ние сме тука затоа што сакаме да работиме, а не да протестираме, велат професионалните војници кои протестираат пред Владата, смрзнати, покиснати и преморени. Со капи и шалеви, под чадори и најлони, но со исправен став, стојат пред десетината полицајци и запалените светла во зградата на Владата. Стојат и чекааат. Чекаат на каква било реакција од Владата. Велат ќе останат колку што треба, само да се најде компромис, а ако треба и до пролет.

Кои се барањата на војниците? Што им нуди Владата?

Војниците бараат по навршените 38 години возраст или 12-те години минати под договор со армијата да остнат на работа во Министерството за одбрана или други државни фирми, а ако тоа не е можно да се пензионираат или да добијат отпремнина во висина од пет плати за секоја година мината под униформа.

Владата или поточно ресорното Министерство за одбрана не се согласува со нивното барање. Максимумот што го нудат е да ги префрлат во активната резерва, која ќе биде платена со една третина од месечните примања на професионалните војници, за што ќе треба да имаат еден викенд месечно работна обука во специјалноста и обврска еднаш годишно да одат на вежба. Притоа, им се ветува и здравствено осигурување и учество во странски мисии.

Mazedonische Armee

Војници на АРМ

„Разочарани сме од тоа што не успеавме да изнајдеме заеднички прифатливо решение. Сега засега остануваме на истото место, со надеж дека ќе се најде начин за разумно да го надминеме ова случување. Сметаме дека професионален војник може да остане во армијата со прераспоредување на формациски места каде возраста нема да влијае на борбената готовност на армијата или со прераспоредување во други институции,“ вели војникот Веле Крбалески од Координативното тело на професионалните војници.

Неговите колеги револтирано дофрлаат дека предлогот на Владата е апсуредн, затоа што не може тие сега на 38 години да не се добри за АРМ, а подоцна, со помалку тренинг, да бидат добри за странски мисии.

Концептот на Владата е максимумот што може да го понуди

Regierungsgebäude der Republik Mazedonien

Влада на Република Македонија

Министерот за одбрана Зоран Коњановски, меѓутоа, смета дека МО на овие војници им понуди добар концепт и дека е тоа максимумот што Македонија може да го издржи во ваква ситуација.

„Самите барања се ирационални. Сметам дека не постои концепт во светот, не постои армија во која припадниците на армијата можат да работат до 64- годишна возраст. Ние немаме намера, како Влада и како министерство, да произведуваме пензиоинери на 38 години старост на припадниците,“ вели Коњановски.

Но, со ваквиот став пакне се согласуваат војниците и самите нудат компаративнио согледувања до кои дошле во својата досегашна работа со странските војници во мисиите низ светот.

„Кај Американците, во копнената војска, нивото е подигнато до 42 години за пријавување регрути, а се останува максимум до 55 годишна возраст. Во Словенија се останува до 45 години, со тоа што Министерството за одбрана се обврзува на припадниците да им најде соодветно вработување во министерствата. Турција до 45 години со обврска на државата да го исплати секој припадник. Естонија е до 55 години, а Италија е до 35 години, но законот е ист како во Словенија, што значи државата има обврска да го вработи војникот како карабинер, во шумска или судската полиција,“ вели професионалниот војник Зоран Цуцковски, кој додава дека многу од нив имаат одлично познавање на јазиците и искуство во мисиите на АРМ.

Автор: Сашко Димевски

Редактор: Александра Трајковска