1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Како да помнам повеќе и побрзо?

Кога дома ќе го заборавите списокот со намирници што треба да се купат, се лутите сами на себе. Исто како што е непријатно да се заборави кодот од банкарската картичка. Има ли начин сите работи да се „држат“ во глава?

Постојат различни методи за подобро да ги запомните пасвордот за имејлот или роденденот на бабата. Кристијан Елгер, професор на Универзитетската клиника во Бон, објаснува како:

„Ако сакате да запомните многу комплексни нешта, тогаш тоа е можно само со асоцијации. Најдобриот начин е да си претставите заедно две работи. На пример, ако треба да купувате, затворете ги очите и претставете си чистење. Потоа асоцирајте ги работите кои ви се потребни за чистење. Ако меѓу работите е и нешто што ви е потребно, односно ви стои на списокот за купување, тогаш тоа и ќе ви се најде пред очи. Така ќе се сетите повторно на работите што сте ги заборавиле“.

Техниката на помнење со помош на асоцијации ја користи и математичкиот шампион Герт Митринг. Осумкратниот светски првак во пресметување напамет, благодарение на менталните врски може да помни многу, многу долги комбинации на броеви. Тој препорачува асоцијациите да бидат пред се‘ креативни и индивидуални. На тој начин сивите мозочни клетки ќе бидат подобро активирани.

„Лицето треба да ги поврзува фактите со своите сознанија, хоби или специјални интереси. Ако некој има посебен интерес за астрономија, тогаш тие сознанија може да ги користи за асоцирање, зошто не?“

Јајце, детелина и седум џуџиња

Со оглед на тоа што хобито на Митринг се броевите, тој важните факти ги поврзува со нумерички својства:

Gedächtnis

Герт Митринг, осумкратен шампион во сметање напамет

„Се обидувам кога имам работа со цифри, да ги извлекувам својствата на броевите. Тоа не е многу раширена техника. Ако треба да го запомнам 251 како троцифрен број, тогаш го користам фактот дека е тоа најмалиот прост број кој е поголем од ¼ од 1000“.

Митринг признава дека ваквиот вид асоцијации е несоодветен за најголемиот број од луѓето. Во неговата нова книга „Сметање со светскиот првак“ тој дава совети како „нормалните луѓе“ да запомнат долги комбинации на броеви со помош на асоцијаци. Ако треба да се запомни комбинација како 047, Митринг советува - бројот нула го асоцира на јајце, цифрата четири го асоцира на детелина со четири листа, а кога станува збор за бројот седум, тоа го потсетува на седумте џуџиња. Во својата книга Митринг советува овие асоцијациии да се поврзуваат во приказна. Оваа приказна би можела да гласи, на пример, вака: „Јајцето лежи во детелина со четири листа, покрај седумте џуџиња“.

Виртуелизирање и емоции

Ако асоцијациите се од мала помош за подобро помнење, тогаш од помош за поттик на сивите клетки би можела да биде таканаречената Локи-техника. Професор Елгер вака ја објаснува: „Ако треба нешто да продуцирам подолг период, нешто комплексно, тогаш се препорачуваат вирутелни техники. Ги затворам очите и одам низ станот. Притоа, на секој агол оставам аргументи, сето тоа само виртуелно во главата, и потоа ги собирам аргументите повторно во вистински редослед“.

Gedächtnis

Проф. Кристијан Елгер, епилептолог на Универзитетската клиника во Бон

Друга техника на помнење е поврзување на фактите со емоции:

„Постои можност и за помнење преку емоции. Тоа кај нас се случува повеќе несвесно. Подобро се сеќаваме на работите кои имаат голема важност во нашиот живот воопшто. Се сеќаваме на нашата свадба, на важен роденден, или на лоши настани како 11 септември 2001. Ретко кој нема да се сети каде бил кога се случија нападите“, нагласува Елгер.

Како чувствата да функционираат и при помнење броеви објаснува светскиот првак Митреинг во неговата книга: „За математичарите и оние кои ги сакаат бројките, простите броеви се нешто особено. Простите броеви се ѕвезди на небото со бројки - инаетливи, полни со тајни и непресметливи, не можете да ги пресметате или предвидите. Можете да си претставите колку страда математичарот кој не може да пресмета некој број“.

Тренингот е „мајка на генијалноста“

Така Митринг ги опишува своите чувства за простите броеви. Тие му помагаат да се сети на броевите. За да почнете со тренирање на мозокот да помни, двајцата експерти препорачуваат секој ден да се излагате на мали предизвици:

„Мислам дека најдобар тренинг секој ден е да читате сложени работи, за нив да комуницирате и за тоа да дискутирате“, вели Елгер. И математичкиот шампион Митринг препорачува секојдневно да се изложувате на предизвик:

„Би рекол да се изложите на конструктивна непријатност, на предизвик. Да си кажете: ’Сакам да видам како ќе се снајдам со тоа. Да видам каде ми се границите’. Границите не се фиксни, туку можат да се поместуваат! Можам само да речам - главата горе, пробувајте!“

Автор: Косима Гил / Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Александар Методијев