1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Како да и се одолее на „чашката“?

Клубот на лекувани алкохоличари Методија Николовски-Мецо од Прилеп е единствениот во Македонија, кој успешно работи по европски стандарди. Во изминатите 33 години поминале три илјади зависници од алкохол.

default

Клубот на лекувани алкохоличари од Прилеп е еден од десетте во Македонија. Се издвојува од останатите во земјата и пошироко поради успешноста во лекувањето што се должи на воведувањето новини во лекувањето кои се во согласност со европските, појаснува за Дојче веле, Јован Велески специјалист по медицинска психологија во прилепската Градска болница и терапевт во Клубот. Новината е конкурентната терапија каде освен апстинентите  паралелно во терапијата се вклучени и нивните сопруги. „Со цел да се направи еден баланс  помеѓу проблемот на нивните сопрузи и проблемот кој се појавил во семејството со појавата на алкохолизам. Затоа што алкохолизмот е и социјална болест и освен што го погаѓа човекот – алкохоличар ја погаѓа и потесната и пошироката околина, а најмногу страда семејството, жената, децата каде тие релации и односи треба да се лечат во семејството‘‘.

Во работата на клубот која е волонтерска освен специјалистот по медицинска психологија се вклучени и невропсихијатар, виша медицинска сестра, социјален работник и социолог, заедно со апстинентите кои ги сметаа за котерапевти. Клубот преку програмата за рехабилитација има за цел да ја одржува апстиненцијата на бившите алкохоличари, а за што има подршка од Градската болница и Невропсихијатриското одделение каде алкохоличарот прво се упатува на лекување, појаснува Велески.

„Тука се врши примарната детоксикација и се прави проценка на личноста дали може да се вклопи во натамошен третман. Се разбира освен медицинскиот третман тука се вклучува и психолошка подготовка и се вклучуваат и социјални работници кои работат со семејството за да може цело семејство да го фати проблемот. Обично тој третман во денешни услови трае од десет до петнаесет дена. После се препорачува доаѓање во клубот каде што бившите алкохоличари се обучуваат да станат апстиненти. Се работи исто така и на психички профил за да може да се елиминираат сите негативни последици кои може да предизвикаат повторно земање на алкохол“.

Wochenrückblick KW 17 2011 17/11 Alkoholiker Alkoholismus

Клубот значи нов живот за бившите алкохоличари

Клубот е многу значаен за бившите алкохоличари зошто буквално значи спас за нив и враќање во нормалниот живот, појаснува  Никола Чадамов и самиот долгогодишен  апстинет и потпретседател на клубот. „Клубот за еден алкохоличар е спас за него и семејството. Од секаков аспект мир и по семејството, мир и по околината. Станува активен на работното место и корисен општо за државата, за општеството“.

Клубот потенцира Чадамов и едукативно делува врз населението посебно врз младите, а за што во соработка со разни специјалисти честопати во училиштата одржува и едукативни предавања. Тој и овојпат апелира до младите да се откажат од пиењето алкохол, за што потенцира дека е многу тешка болест. „Каде што ќе ги најдеме децата-младите ги учиме ги подучуваме за да не навлегуваат во алкохолната болест. Многу незнаат дека стварно тоа е болест. Но кога ќе им објасниме некои работи, дека тоа е стварно болест не е рана. Раната може да заздрави, ова не може и не е свесен дека тоа е болест“.

Prilep, Mazedonien

Прилеп

Клубот го намалува бројот на болнички денови

Според анализите, еден болнички ден за само еден алкохоличар Фондот за здравство го чини од 1800 до 2400 денари. Со лекување во Клубот се намалува бројот на болнички денови на алкохоличарите и воедно заштедите во државната каса се големи. За работата на Клубот на лекувани алкохоличари од Прилеп годишно се потребни минимални, илјада евра, а користа е повеќекратна. Затоа тие преку својата програма за работа, веќе подолго време бараат и поголема финансиска подршка од Министерството за здравство, Фондот за здравство и локалната власт.

Автор: Антоанела Димитриевска

Редактор: Александра Трајковска