1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Како да им се стави крај на киднапирањата во Авганистан?

62-годишниот градежен инженер Рудолф Блехшмит, по речиси 3-месечно заложништво – најдолго na било кој странец досега во Авганистан, е на слобода. Исполнувањето на барањата на киднаперите мотив и за идни грабнувања?

default

Блехшмит синоќа беше донесен во германската амбасада во Кабул

Блехшмит беше грабнат на 18-ти јули заедно со уште еден колега, кого киднаперите го убија по само неколку денови. Ослободувањето дојде на два дена пред Бундестагот да гласа за продолжување на мандатот за ангажманот на германските војници во таа земја. Радоста поради среќната разврска не ги засенува и прашањата што се наметнуваат.

Ослободувањето уследи благодарение на префинетиот осет на преговарачите, кои продолжија со напорите за изнаоѓање на решение, исклучувајќи ја јавноста, иако притисокот од Германија беше се’ посилен Трпението беше наградено. Но, која цена е платена за ослободувањето?

Авганистанската влада ослободи повеќемина членови на групата киднапери, што беа уапсени во претходните недели. Веројатно е платена и откупнина. Парите и ослободувањето на затвореници, се разбира, не делуваат токму застрашувачки врз други на кои примеров би им послужил за углед, дури и ако сумата можеби е мала, а парите не потекнуваат од авганистанската или германската влада.

Попуштањето не е добро. Но, кој би сакал да преземе одговорност доколку грабнувачите можеби го убиеја Рудолф Блехшмит, ако не им беа исполнети барањата? Кој ќе сакаше да даде зелено светло за прв пат при грабнување на Германец да биде направен преседан и властите да останат непопустливи? Тоа, очигледно, не го сакаа ни германската, ниту авганистанската влада – секако имајќи ја предвид и контроверзната дебата во Германија за ангажманот на Бундесверот во Авганистан.

Значи, како понатаму? Ќе има и натамошни случаи на грабнување, оти тоа за киднаперите - се’ едно дали од финансиски или политички мотиви - се исплати, но пред се’ затоа што во Авганистан тоа е релативно едноставно. Шест години по соборувањето на режимот на талибанците, во земјата нема сигурна државна власт, ефикасен и функционален државен апарат. Армијата допрва се гради и е неподготвена за тешките борби против востаниците. Полицијата е во мизерна состојба и во многу немирни подрачја не може да гарантира ни минимум безбедност.

За тоа е одговорна Германија, која како водечка земја во обновата на полицијата направи премалку и пребавно. Кој сака Авганистан да го направи побезбеден за домашните и за странците, мора да вложи повеќе пари, поголем ангажман и повеќе политичка волја во обновата, како и да не дозволи да биде одвратен од тоа со акти на насилство против сограѓаните.

Ослободувањето на Блехшмит е позитивен сигнал. Сега треба да уследат позитивни, решителни сигнали за Авганистан од политичко ниво.

Кристоф Хајнцле