1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Како Давид Г. стана Абу Давуд и загина во Сирија

Според официјални информации, 270 германски исламисти досега заминале во Сирија, а најмалку 15 загинале. Меѓу нив има и млади Германци кои конвертирале во ислам.

Последна станица на еден пат во џихад, света војна. Видео-снимка стара неколку недели документира погреб на убиени борци на Ал Каедa на бојното поле во Сирија. Меѓу нив е и Абу Давуд, односно Давид Г. од Кемптен, 19-годишен Германец кој конвертирал во ислам. Овој електричар-приправник и‘ се приклучил на терористичката група за да се бори против диктаторот Башар Ал Асад.

„На социјалните мрежи тој многу офанзивно се претставувал себеси како салафист и џихадист. Потоа минатата есен по копнен пат пристигнал во Турција, се пробил до сириската граница и подоцна ја преминал“, вели Маркус Шеферт од Службата за заштита на уставниот поредок во Баварија.

Трагата најнапред води во мирниот Кемптен, родното место на Давид Г. Се чини дека до пред 2 години тој бил сосем обично младо момче. Но тогаш неговото семејство забележало дека тој се наоѓа во младешка криза на идентитетот. Александер Т. , сопруг на сестрата на Давид Г. раскажува:

„Тој одлучи дека сака да си пронајде свој Господ и пребаруваше во интернет. Сѐ она најразлично што го пронајде таму, самиот го проценуваше и размислуваше околу тоа. На тој начин, велеше, стигнал до Алах.“

Давид конвертира во ислам. Во неговиот боксерски клуб промената веднаш им паднала в очи. Страствениот спортист за многу кратко време станал радикален исламист. Старите пријателства ги прекинал; неговиот нов живот бил подреден на религијата. Парадокс: на идниот божји воин боксот му бил премногу брутален.

„По неговиот последен бокс-меч во декември 2012. дојде кај мене, ми ги врати ракавиците и заштитната кацига и рече: повеќе не можам да боксувам, веќе не можам да го спојам тоа со мојата вера.“, се присетува боксерскиот тренер Рајнхолд Грушвиц.

Давид ја посетувал џамијата Хикрет во Кемптен колку што можел почесто. И тука за време на дискусиите тој паднал в очи со радикални ставови. Првиот човек на џамијата и неговиот син Мехмет Акбаба конечно му забраниле на Германецот да ја посетува џамијата и ја информирале полицијата.

„Давид започна да ја велича Ал Каеда и да вели дека Осама бин Ладен со право ги нападнал кулите близначки во Њујорк, и оти и Евреите убиваат муслимани и дека и ние треба да ги убиваме нив.“, вели Мехмет.

Идеолошката подлога за учеството на Давид во џихад ја даваат други: салафистичките проповедници како Ибрахим Абу Наги, кој со години е предводник на германската исламистичка сцена. На добротворни манифестации тој јавно агитира за поддршка на борците во Сирија :„Сите наши браќа и сестри во Сирија се муџахедини, и секој кој овде донира, вооружува еден свет борец.“

На овој начин десетици илјади евра по манифестација завршуваат во воената каса на сириските борци. Ханс Георг Масен, претседател на Сојузната служба за заштита на уставниот поредок образложува: „Од една страна, Сирија сега е тема која ги поврзува сите салафистички проповедници. Тие ја експлоатираат темата со тоа што постојано во фокусот се става прашањето - што да се направи за Сирија, и со тоа што велат - ако не заминувате за Сирија, тогаш барем донирајте, така што Сирија е во свеста на многу голем број млади луѓе кои размислуваат исламистички. Од друга страна, тие посредуваат за воспоставување контакт со тоа што канат на проповеднички и добротворни манифестации, каде можат да се сретнат и луѓе кои вршат регрутации“.

Што вели за тоа проповедникот Абу Наги од Келн? „Не сум одговорен за луѓето. Овде зборуваме за слобода на мислењето, демократија и верска слобода. Јас не можам ниту еден човек да принудам да прави нешто, во што самиот не е убеден.“

Давид веројатно бил убиен кон средината на јануари во престрелка меѓу Ал Каеда и спротивставена група бунтовници. Оттогаш некои браќа по вера во татковината загинатиот Германец го сметаат за маченик. „Како муслиман мораш да се бориш за Бога. Давид умре за своите браќа и сестри. И јас би умрел за Бога, и јас би сакал да се борам за моите браќа и сестри. Ако овде немав роднини, ќе го направев истото како и тој. Тоа, верувам, би го направил секој муслиман“.

Според Службата за заштита на уставниот поредок, досега повеќе од 200 млади исламисти од Германија отпатувале во Сирија. Во борбите таму пред неколку дена бил убиен уште еден млад Германец.