1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Како гром од ведро небо

Повеќе државници и цркви во светот се огласија со реакции по информацијата дека папата Бенедикт Шеснаесетти се повлекува од челната должност на Светата столица.

Италијанскиот претседател Џорџо Наполитано ја пофали одлуката на Бенедикт Шеснаесетти за повлекување како „голема храброст“. Папата со ова покажа исклучителна храброст и исклучително чувство за одговорност, истакна Наполитано, како што пренесува агенцијата Анса.

Италијанскиот премиер Марио Монти пак е изненаден и шокиран од најавеното повлекување на папата Бенедикт Шеснаесетти:

„Целосно сум потресен од оваа толку неочекувана вест“, изјави тој во Милано, како што пренесува новинската агенција Анса, дополнувајќи дека претходно не постоеле никакви најави или сигнали за одлуката на Бенедикт.

Британскиот премиер Дејвид Камерон има пофални зборови за папата:

„Тој неуморно работеше на зајакнување на односите меѓу Велика Британија и Светата столица. На неговата посета на Велика Британија во 2010. година можам да се сетам со голем респект и наклоност. Како спиритуелен водач ќе им недостига на милиони луѓе“, изјави Камерон.

Претставници на англиканската црква искажаа пофални зборови за актуелниот папа. Поглаварот на Англиканците, Џастин Велби изјави дека веста ја примил со тешко срце но има полно разбирање што Бенедикт „го остава товарот на функцијата бискуп на Рим“, која ја вршеше со големо достоинство и храброст.

Руската православна црква по оставката на папата не очекува никакви промени во односите меѓу православната и католичката црква. Како што пренесува агенцијата Интерфакс денеска, московскиот патријарх ја истакнува „позитивната динамика“ меѓу двете конфесии. Со новиот папа таа ќе се одвива исто така како и со стариот, изјави секретарот на Одделот за интерконфесионални односи, архипрезвитерот Дмитри Сисоненко. И Бенедикт Шеснаесетти во врска во односите со православието го следеше својот претходник Јован Павле Втори, тоа е „општа традиција во католичката црква“, дополни тој.

И во САД најавата на папата е примена со целосно изненадување.

„Толку сум запрепастен, исто колку и мнозинството од вас“, изјави надбискупот од Њујорк, кардиналот Тимоти Долан пред новинарите од ТВ ЕнБиСи. Тој чувствувал лично длабока приврзаност кон папата Бенедикт Шеснаесетти, кој го назначил на функцијата:

„Го носам прстенот кој тој ми го даде, крстот кој ми го предаде, затоа чувствувам приврзаност кон него“, истакна кардиналот.