1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Како вистината за Македонија да се чуе што подалеку?

Капиталното дело на македонизмот „За македонцките работи“ од Крсте Мисирков, е објавено и на германски јазик во превод на Волф Ошлис. Повод за дилемата-каква стратегија е потребна за преведување и настап во странство?

default

Во предговорот кон својот превод Ошлис го нарекува Мисирков „градител и архитект на Македонија“, а „За македонцките работи“ ја означува како „Магна карта“, односно, како своевидна „Голема повелба“ и основа на современа Македонија.

Деканот на државниот Филолошки факултет во Скопје и директор на Семинарот за македонски јазик и литература Максим Каранфиловски истакнува:

„Преводот на германски јазик е многу значаен, зашто го отвора целото германско јазично подрачје. Германскиот е и светски јазик. Тоа е многу важно, бидејќи на тој начин се овозможува запознавање со идеите на Мисирков, кои се темелник на нашиот идентитет, како и со идеите воопшто за македонскиот јазик, поставени од него. За да се знае дека ние не се темелиме на нешто што е од вчера, туку од многу одамна“.

Вистината за Македонија да се чуе во Европа и ширум светот

Лидија Тантуровска, научен советник во Институтот за македонски јазик во Скопје, укажува:

„Мисирков размислувал и тогаш дека во Европа и ширум светот треба да се чуе, да се разбере вистината за Македонија, за состојбата на македонскиот народ и јазик. Не случајно во својата книга и натаму во своите статии тој нагласува дека тоа треба да биде на сите јазици“.

Buchhandlung in Skopje Mazedonien

Се актуелизираат прашањата: на колку јазици е преведена книгата на Мисирков? Колку пари се издвојуваат воопшто за такви намени, за „поширокото распространување на вистината за Македонија?

Во 1945. година се извршени преводи на англиски и француски јазик, потоа во годините наваму и на руски. Во 2003. година на грчки, а годинава на чешки и сега на германски јазик.

Професорот Каранфиловски коментира:

„Не се преведува доволно. Потребно е многу повеќе. Некои од неодамнешните акции на Владата се со таа намена, но, во нив не влезе ова дело на Мисирков. Преводите само на англиски не можат да ја завршат сета работа. Многу луѓе низ светот не можат да читаат само на англиски“.

Ошлис смета:

„Македонија нема доволно пари, но, вложува во културата. Има многу големо разбирање кај политичарите и постојат издавачки куќи, како ’Македонска реч’ и ’Македоника литера’, кои се поврзани преку одлична и ефикасна соработка. Никогаш нема да има премногу, или доволно преводи, но, Македонија направи големи напори во врска со тоа. Големите светски јазици се соединети во сенката на големиот Македонец Мисирков“.

Тантуровска се надоврзува:

„Големо е значењето кога се преведуваат вакви капитални дела, клучни за развојот на македонскиот јазик. Со меѓународните преводи на делото на Мисирков и обичните луѓе од кое било јазично говорно подрачје можат да дознаат за состојбата на Македонија и на македонскиот јазик, ако е преведено на нивниот јазик“.

„Потребна е стратегија во преведувањата и настапите во странство“

Каранфиловски е убеден дека самоиницијативните преводи на странските јазици на капиталните дела од македонската лингвистика и книжевност, иако се позитивни и добредојдени, даваат помалку ефекти, отколку кога тоа би се правело со соодветна стратегија на тој план:

„Треба да настапуваме поорганизирано и поефикасно. Преводите треба да се прават многу помасовно и на многу повеќе јазици. Со тоа многу ќе се шири бројот на луѓето што ќе можат да ја дознаат вистината за Македонија. Можеби ќе треба да има малку повеќе соработка меѓу владините и професионалните институции, кои се занимаваат со вакви прашања, за да се направи стратегиски план што е потребно да се преведува, на кој начин да се настапува во странство. Не сме доволно активни на ова поле“.

Wolf Oschlies

Македонистот и политички публицист Волф Ошлис на Семинарот за македонски јазик во Охрид, архива

Ошлис изнесува и помалку познати детали, кои се дел од двовековната традиција на заемните македонско – германски односи на соработка и поддршка во науката и други дејности:

„Во оваа рамка припаѓа и книгата ’За македонцките работи'. Мисирков, кој во одредена мера го знаеше германскиот јазик, имаше и лични контакти со германски научници, како со географот Карл Естрајх. Естрајх ја пишуваше тогаш обемната студија ’Населението на Македонија’. Цели пасажи од неа ми прозвучуваат како препев на ’За македонцките работи“.

Тој заклучува:

„Ние, старите Македонци, сме секогаш на штрек: штом имаме една идеја, штом имаме еден импулс, тогаш тоа ќе се оствари во рамки на нашите заемни врски. Покрај мојот превод на книгата на Мисирков, сега ќе излезе и еден зборник на мои постари научни трудови. Македонците и Германците се стари сојузници и пријатели од памтивека“.