1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Како би изгледал воен напад врз Иран?

Германскиот министер за одбрана Томас де Мезие на средбата со израелскиот колега, Ехуд Барак, предупреди- воена ескалација на конфликтот околу иранската атомска програма носи големи ризици.

Меѓу Германија и Израел и натаму постојат големи разлики во однос на справувањето со иранската атомска програма. Сите страни мора да се воздржат реторички и воено, изјави минатата недела германскиот министер за одбрана Томас де Мезие на средбата  во Берлин со израелскиот колега, Ехуд Барак. Израелскиот министер пак истакна дека сите опции во спорот со Иран мора да останат на маса, зашто Иран со атомско оружје е опција која не е прифатлива за никого во светот.

Воениот напад на иранските нуклеарни постројки навистина би претставувал голем ризик со тешко согледливи последици. Поголема штета на атомската програма би можеле да и‘ нанесат САД и со позната стратегија да се обидат да предизвикаат пад на иранската влада.

Како би можел да изгледа воен напад врз Иран?

Iran Atomprogramm Atom Streit Ahmadinedschad Teheran

Иранскиот претседател Махмуд Ахмадинеџад во атомската централа во Натан

Израелските борбени авиони својата работа ја извршуваат прецизно и брзо. Тие со своите бомби ќе го уништат атомскиот реактор уште пред противвоздушната одбрана да успее да реагира. Така беше во 1981-ва година во Ирак и во 2007-ма година во Сирија. Со оглед на едвај прикриените израелски закани за напад на иранските атомски постројки, деновиве овие операции често се споменуваат. Но, нападот врз Иран би имал сосем друга димензија.

Воени капацитети

Постои голема разлика меѓу иранските атомски централи распространети на широко подрачје и надземниот реактор во Исирија, вели Дејвид Дептула, кој до есента 2010-та година беше шеф на тајната служба на американското воздухопловство.

„Голем дел од јавноста не сфаќа дека еден воздушен напад е повеќе отколку лет од точката А до точката Б. Израел од три можни рути би можел да ја избере најкратката која води преку Јордан и Ирак. Но, и во тој случај седумте постројки кои важат за можни цели би биле оддалечени најмалку 1.500 километри и со тоа надвор од радиусот на борбените авиони.

Осумте воздушни танкери со кои располага Израел не се доволни за снабдување со гориво на 125 борбени авиони кои веројатно би биле вклучени во акцијата. Тие авиони би морале да бидат и заштитени од напад.

Иако иранската противвоздушна одбрана е целосно застарена, никој не знае што е во состојба да направи.

„Авијацијата може да упати доволен број авиони кон целта, тоа не ме загрижува. Она што не знам е дали тие можат да предизвикаат доволно штети“, вели Шломо Бром, воен експерт во Институтот за национална безбедност на Универзитетот во Тел Авив. Зашто, две ирански постројки во кои се облагородува ураниум се исклучително заштитени. Постројката во Натан е под земја, а во Фордо се сместени до 70 метри длабоко во планината. Затоа многу експерти сметаат дека тие се вон дометот на најсилната израелска бомба за разбивање бункери-ГБУ-28.

USA Militär General David A. Deptula

Американскиот генерал Дејвид Дептула

Американска поддршка

Иако американските власти повикуваат на воздржаност, тие не исклучуваат можност од извршување сопствен воен напад. САД имаат далеку подобри можности: носачите на авиони темата оддалеченост ја прават безначајна, воздухопловството располага со далеку поголем број ракети и авиони отколку што е потребно, најголемата американска ракета за уништување бункери може да пробие 65 метри бетон, десетпати повеќе отколку најдобрата израелска ракета. Со оглед на тоа, Дејвид Дептула великодушно гледа на сценаријата кои би следеле потоа. Без наведување детали, тој опишува голем напад во кој противвоздушната одбрана би била исклучена, а копнените сили би влегле на терен, додека во воздухот би кружеле извидувачки и командни авиони. Но, токму користењето огромен број средства претставува опасност, смета воениот експерт Малколм Чалмерс, советник на британската влада за стратешки прашања.

„Американскиот напад би бил од поголеми размери и би предизвикал многу повеќе жртви“, истакнува тој.

Без оглед кој би можел да изведе напад врз Иран, експертите се согласуваат во едно- иранската атомска програма би била уназадена неколку години или би била стопирана. Дејвид Дептула смета дека дека проблемот би бил потиснат, но не би била елиминирана причината и коренот, а тоа е актуелниот режим.

„Иранскиот народ мора да биде охрабрен да ја собори владата“, вели Дептула, укажувајќи на примерот на Авганистан, каде САД во 2011-та година се здружија со опозиционата Северна алијанса и преку масивни воздушни напади го поддржаа пробојот на домашните борци кон позициите на талибанците, при што не користеа сопствени копнени трупи. Според истиот план лани беше соборен и либискиот властодржец Моамер Гадафи.