1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Какво фајде ќе имаат македoнските претпријатија од кредитите од ЕИБ?

Од Европската инвестициона банка, преку Македонската банка за поддршка на развојот, најавените 23 милиони евра со ниска каматна стапка од 5,5%, нестрпливо ги очекуваат голем број мали и средни претпријатија.

default

Новите кредити од Европската инвестициона банка ќе бидат голема поддршка за малите и средни претпријатија во Македонија. Македонските банки не делуваат како вистински деловни банки кои го помагаат стопанството, бидејќи работат со многу високи камати. Македонските  стопанственици ќе имаат можност да ги рефинансираат постоечките кредити со нова кредитна линија со пониска и фиксна каматна стапка, смета Трајче Трајков сопственик на фирмата „Хемија Комерц“ и претседател на Регионалната стопанска комора на Велес. 

„За разлика од другите кредитни линии кои до овој момент ги користат бизнисмените во Македонија, каде што каматните стапки се многу повисоки, а истовремено не се фиксни, што значи има многу други ризици со кои се соочуваат биснисмените. Што значи ефектот од користењето на оваа кредитна линија? Таа е во овој момент многу добра и претставува една инјекција за стопанството. Тоа значи дека стопанствениците имаат подадена рака од Владата“, оценува Трајков, додавајќи:

„Во услови кога владее рецесија и нема зголемување во македонското стопанство, јас и поголем дел од македонските фирми кои користат средства од други банки, овие средства ќе ги искористиме за замена на постоечката со оваа кредитна линија, затоа што во истиот момент тие имаат намалување на нивните фиксни трошоци на кои се изложени фирмите во овој момент. А имајте предвид дека активностите на полето на производството секојдневно се помали и помали следејќи ги состојбите во Европа.“

Symbolbild Finanzen Finanzanalyse Taschenrechner

Дел од фирмите ќе ги заменат постоечките кредити, но има и такви што парите од ЕИБ би ги вложиле во нова опрема

Сепак, некои од македонските бизнисмени овие средства би ги искористиле и во инвестирање на нова опрема, што ќе значи и инвестирање во нов квалитет. А тоа, според проектите што се барале од банките, биле фирми за енергетика и за текстилна дејност.

Фиксна каматна стапка на кредитот без оглед на економските случувања во Европа

Чедомир Стојанов сопственик на две велешки фирми, „Алевадо‘‘ и „Алевадо Кабел‘‘, очекува  дека овие кредити за него ќе донесат повеќе поволности во работењето. „Друга работа исто како придобивка е што рокот на отплата ќе биде 5 години, а со тоа значително ќе ни‘ се олесни тековното работење. Значи, отплатите на ануитетите ќе бидат помали. Отплаќањето на ануитетите ќе биде квартално, што значи секој месец нема да се отплаќа како што се овие класичниве кредити, туку ќе биде на три месеци. Ќе имаме можност првите два месеци истите средства веќе да ги користиме за тековно работење. Исто така, значајна работа е што веќе каматната стапка од 5,5% е фиксна до крајот на отплата на кредитот, без разлика на економските случувања во нашето опкружување и пошироко‘‘, смета Стојанов.

За Орце Давчев од велешката фирма „Брако“ во услови на рецесија овие кредити ќе значат  заживување на целокупното македонско стопанство. „Имајќи предвид дека имаме многу  производни аранжмани со повеќе реномирани европски фирми, секако дека ваквите средства со поволни услови ќе ги намалат трошоците и ќе ни‘ овозможат подобри услови во конкурентската борба“, смета Давчев.

Трајче Трајков од велешки „Хемија комерц“ е еден од првите македонски бизнисмени кои досега користеле вакви кредити. „Јас сум задоволен, мислам дека тоа е вистински потег на Владата, за да можат другите деловни банки во државава, нивните каматни стапки да ги сведат на едно разумно ниво‘‘, смета Трајков.

Автор: Антоанела Димитриевска

Редактор: Симе Недевски