1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Каква ќе биде политиката на САД кон Блискиот исток по смртта на Арафат?

Со смртта на Јасер Арафат се измени политичката клима на Блискиот исток. Дали тоа ќе го отвори и патот кон нова мировна иницијатива?

default

Тоа не се решава само во Израел и во Палестина, туку пред се во Вашингтон, каде Џорџ Буш доби мандат да ја води судбината на светската супер сила за уште четири години. Линда Штауде подготви извештај за политиката на САД кон Блискиот исток по заминувањето на Арафат.

Мирот на Блискиот исток е многу важен дел на мирот во целиот свет, порача Џорџ Буш на прашањето за неговите планови за Палестина по изборите во САД. Тој исто така додаде дека се надева оти на ова поле ќе има напредок. Американските експерти за Блискиот исток меѓутоа не се толкави оптомисти, како во меѓувреме повторно избраниот претседател. Така Флинт Леверет, кој до пред година и половина беше член на американскиот Национален совет за безбедност и тоа токму задолжен за блиско-источната политика, вели:

“Навистина се сомневам дека оваа администрација поседува дипломатска компетенција за да постигне напредок во овој процес. Смртта на Јасер Арафат во секој случај остави вакуум во моќта на палестинското раководство“ - оценува Леверет.

Негов наследник, кој ќе има доволно голем авторитет за да води успешни преговори, за сега не е на повидок, оценува пак Џејмс Зогби, претседател на арапско-американскиот Институт:

“На палестинското раководство му треба сила заштитничка, како што се САД, некој кој ќе стои зад него и ќе му дава веродостојност и ќе биде во состојба да бара отстапки од Израел.“

САД би можеле затоа и да се ангажираат при изборот на наследникот на Арафат, смета Мартин Индик од угледниот Брукингс Институт. Тој порано беше амбасадор на САД во Тел Авив и од блиску ја познава политиката на израелскиот премиер Ариел Шарон:

“Шарон грижливо бдее меѓу Израел и САД да опстојува најтесно сојузништво. Кога ќе види дека американскиот претседател поставува одредени барања, тогаш ќе му ги прилагоди своите планови на тоа барање. Значи, тоа што ќе се случува со палестинското раководство зависи во голема мера од Шарон, а неговите одлуки пак од она што ќе го реши Буш.“

Администрацијата на Буш меѓутоа веќе нагласи дека смртта на Арафат не менува ништо во мировниот план за Блискиот исток, т.н. “роуд меп“. А кој ќе ги води преговорите, тоа е работа на страните во конфликтот. Америка останува посредник. Во секој случај не неутрален посредник, оценува Флинт Леверет:

“Дури и без досегашниот притисок поради изборната трка во САД, Буш не сака конфликт со Шарон. Тоа значи дека нема да врши притисок за повлекување на Израелците од Западниот брег на реката Јордан или пак за поделба на Ерусалим.“

За Леверет е лош знак и тоа што американскиот министер за надворешни работи Колин Пауел не патува на погребот на Арафат во Каиро. Мартин Индик е меѓутоа поголем оптимист:

“Ова е историски ден и Буш и Шарон веќе работат на историската понуда. Сметам дека изменетите околности околу смртта на Арафат нема да влијаат врз тоа какво место сакаат да имаат во историјата овие двајца политичари“ - оценува Индик. На пример преку создавање широка меѓународна коалиција, која ќе ги одреди конечните рамки на независната палестинска држава.