1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Каква исламска веронаука и’ треба на Германија?

Исламскиот научник Муханад Коршид е назначен за професор по исламска религиска педагогија на Универзитетот во Минстер на 19-ти јули годинава. Тој се смета за либерален застапник на исламот.

default

Пилот проект за исламска веронаука во германските училишта

Муханад Коршид е нов шеф на катедрата по исламска религиска педагогија на Универзитетот во Минстер, за што Координативниот совет на муслиманите во Германија претходно даде своја согласност. На стекнувањето на оваа титула и` претходеа повеќемесечни подготовки за апликација во различни тела. Министерството за наука на покраината Северна Рајна Вестфалија им овозможи на исламските здруженија да учествуваат во процесот на одлучување за титулата.

Човекот во центарот на вниманието

Бејрут, Ријад, Виена - сите овие градови се постојки на животниот пат на 38-годишниот Либанец Муханад Коршид, кој сега раководи со Катедрата за исламска религиска педагогија во Минстер. Новиот човек од Австрија се смета за либерален застапник на исламот, кој како имам во една мала џамија и како религиски учител во Виена, јасно ја гледа вистинската животна слика на муслиманите во Европа.

Bundesinnenminister Schäuble zur Integration von Muslimen in Deutschland

Министерот за внатрешни работи Волфганг Шојбле во одделение со исламска веронаука

„Мојата интерпретација на исламот ја сметам за хуманистичка. Јас застапувам толкување, во кое во центарот на вниманието се наоѓа човекот. Човековото битие е важно, a не неговиот поглед на светот или потекло. Човекот има достоинство, кое според Коранот е свето и неповредливо, без разлика на тоа дали некој верува во Господ или не. Особено важно е ова да им се пренесе на муслиманските ученици во наставата по исламска веронаука; да се научат како да ги почитуваат сите луѓе, бидејќи и тие самите се луѓе.“

Во моментов, студенти на универзитетите во Минстер, Оснабрик и Ерланген се обучуваат за учители по исламска веронаука. Според Коршид, на Германија и` се потребни околу три до четири илјади исламски учители кои треба да се обучат наредниве години. За него ќе биде тешка задача да ја носи одговорноста за обуката на исламски учители за државните училишта.

Дијалог меѓу разните струи во исламот

Во Австрија, Коршид се залагаше за отворен дијалог меѓу различните струи на исламот, но ги критикуваше и структурите на Главната организација на австриските муслимани. Неговата дисертација за исламските учители во Австрија доби висока оценка од тамошниот Универзитет, но наиде на остра критика од муслиманска страна, бидејќи во неа беа констатирани недостатоци кај наставниците, а се вели и дека една третина од нив одбиваат да ги почитуваат принципи на правната држава.

Дали 38-годишниот теолог ќе успее да ја оствари својата замисла за модерна исламска веронаука без меѓусебни конфликти, останува да видиме. Меѓу Министерството и Универзитетот, од една, и локалните муслимански здруженија, од друга страна, се` уште постојат несогласувања. Коршид, сепак, и` пристапува на работата со јасна визија:

Kinder im Alter zwischen sieben und 15 Jahren der Ahmadiyya-Muslim-Gemeinde nehmen in der Moschee in Berlin-Reinickendorf am Islam-Unterricht teil.

До сега веронауката се одвиваше по џамиите, како оваа во Берлин

„За мене е важно исламските учители по веронаука добро да ја познаваат исламската теологија, но пред се`, теологијата која е во хармонија со модерното, плуралистичко општество, какво што имаме во Европа. Исто така, битно е овие учители да бидат и добри религиски педагози; тоа значи дека треба да се ориентираат кон воспитување на учениците, а не да предаваат според некаква догма. Тие не се ниту проповедници, ниту теолози, туку религиозни педагози кои мораат да ја земат предвид реалноста на секојдневието на учениците - тоа е од најголемо значење!“

Од Либан до Германија

Муханад Коршид е роден во Либан, а израснал во Саудиска Арабија. Бидејќи таму како странец не смеел да студира, родителите го испратиле во Виена со цел да стане лекар, но тој се одлучил за социологија. По враќањето на Блискиот Исток, започнал со студии по исламска теологија во Бејрут, за потоа да проповеда на германски како имам во Виена.

Религиозната разноликост на Либан оставила силен печат врз него, а во Виена, пак, преку студиите се соочил со поглед однадвор кон религијата. Двете перспективи, внатрешната и надворешната, имаат влијание врз неговиот став за исламот како религија.

Што се однесува до идниот тек на наставата во Германија, теологот Коршид сака во програмата да ги вклучи и џамиите, бидејќи многу емпириски истражувања покажале дека учениците, покрај религиската настава на училиште, и понатаму често одат во џамија. Овие две форми на настава, сепак, треба што поскоро да се усогласат една со друга, а не да се практикуваат одделно. Ова е уште еден од големите планови кои професорот Коршид ги има за во иднина.

Автор: Улрике Хумел/Далибор Стајиќ

Редактор: Горан Чутаноски

Поврзана содржина