1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Казна за екс-финансискиот шеф на „Порше“

Поранешниот финансиски директор на автомобилскиот производител „Порше“, Холгер Хертер, е осуден на парична казна поради кредитна измама, иако до последен момент одрекуваше вина.

На обвинетиот Холгер Хертер му се закануваше казна затвор до една година. Тој до споледен момент тврдеше дека е невин и дека не прифаќа ништо помалку од ослободителна пресуда. Државното обвинителство во Штутгарт меѓутоа имаше поинакво мислење, па Хертер е осуден на парична казна од 630 илјади евра поради кредитна измама. Обвинителството смета дека постојат доволно докази дека Хертер, како финансиски директор на „Порше“, погрешно информирал една банка во борбата за преземање на „Фолксваген“.

Конкретно, се работело за продолжување на финансирањето на кредит од 10 милијарди евра. Притоа Хертер и негов колега, исто така обвинет менаџер, свесно соопштиле пониски бројки, измамувајќи ја банката. Хертер најави жалба на казната.

Заедно со тогашниот шеф на Надзорниот одбор на „Порше“, Венделин Видекинг, Хертер од 2005 година го водеше планот за преземање на „Фолксваген“. Планот на двајцата менаџери пропадна во 2009 година поради финансиската криза и тие беа отпуштени од концернот. Од средината на минатата година автомобилската марка „Порше“ припаѓа целосно кон „Фолксваген“. Холдингот „Порше“, кој котира на берзата и е во сопственост на семејствата Пих и Порше, и натаму е најголем сопственик на акции во „Фолксваген“ и го има мнозинскиот пакет гласови за одлучување.