1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Казната со бесење не е историја!

Повеќе од две илјади лица чекаат на егзекуција, се наведува во новиот извештај на „Амнести интернешнл“. Според него, во 2009 година биле обесени 714 лица во 18 земји, меѓу кои и САД. Состојбата е најзагрижувачка во Кина.

default

Во знак на протест поради големиот број „тајни егзекуции“ во Кина, организацијата „Амнести интернешнл“ првпат оваа година не објави податоци за таа земја. Меѓутоа, може да се каже дека најголемиот број смртни казни изминатата 2009 година биле извршени токму во Кина, вели генералниот секретар на германската канцеларија на „Амнести интернешнл“, Моника Лике.

„Сосема е јасно дека најголемиот број луѓе се убиени во Кина. Меѓутоа, не го знаеме точниот број. Кинеската влада досега ја злоупотребуваше нашата организација, бидејќи ги употребуваше нашите податоци, иако ние велевме дека имаме сознанија за најмалку толку извршени смртни казни. Во суштина, темната бројка е неверојатно висока, оти многу повеќе лица се осудуваат на смртна казна во неправедни судски процеси, што траат по два дена“, истакнува Лике.

Таа ја критикува власта во Кина, бидејќи смртна казна се изрекува за делата како затајување данок, што предизвикува голема загриженост.

„Тоа што не објавивме статистички податоци за Кина не значи дека таму се забележува подобрување, како што секогаш тврдат кинеските власти. Доколку навистина ситуацијата се подобрила, тогаш треба конечно да ги соопштат и своите податоци за бројот на извршени смртни казни.“

Најпогодени се сиромашните и етничките малцинства

Todesstarfe USA Hinrichtungsraum Todeszelle Injektionsraum

Смртната казна во САД се извршува со „смртоносен коктел“ од три супстанци

Според извештајот на „Амнести интернешнл“, најголемиот дел од смртните казни во 2009 година, покрај во Кина, биле извршени и во Ирак, Саудиска Арабија и САД. Организацијата за заштита на човековите права смета дека смртните казни најчесто се изрекуваат по неправедни судски процеси и главно се однесуваат на сиромашните и припадниците на етнички или религиозни малцинства.

Во Кина, Иран и Судан смртни казни се изрекуваат и од политички причини. Во Иран минатата година од политички причини се извршени смртни казни врз 388 лица, меѓу нив и малолетни, укажува Моника Лике, претпоставувајќи дека фактичката бројка е најверојатно поголема:

„Во САД бројот на извршени смртни казни се зголеми од 30 во 2008 година, на преку 50 во 2009. Повеќе од три илјади лица седат во ќелии очекувајќи ја најстрашната казна, која се извршува во 35 американски сојузни држави. Мора да се каже дека и актуелниот американски претседател, Барак Обама, не е против смртната казна. И се` додека во САД ништо не се промени, не може да се изврши вистински притисок ниту врз Кина, ниту врз Јапонија“, вели Лике од германската канцеларија на „Амнести интернешнл“.

Русија напредува

Deutschland Amnesty International Monika Lüke

Монике Лике од „Амнести интернешнл“

Во Европа, пак, изминатата година не е извршена ниту една смртна казна. Напредок е забележан и во Русија.

„Уставниот суд на Русија минатата година во август потврди дека во земјата веќе нема да се извршува смртна казна, бидејќи како членка на Советот на Европа, Русија не ни смее да извршува смртна казна“, истакнува Лике.

Но, што всушност презема „Амнести интернешнл“ за намалување на смртните казни во светот? „Вршиме притисок врз владите и ги поддржуваме ОН во борбата против смртната казна“, вели Моника Лике и додава:

„Доколку имаме информација дека на некоја личност во некоја земја и` се заканува смртна казна, тогаш нашите членови во преку осумдесет земји пишуваат голем број писма до властите на таа земја. Тоа понекогаш доведува до одолговлекување на егзекуцијата.“

Генералната секретарка на „Амнести интернешнл“ за Германија, Моника Лике, напоменува дека и германската влада мора да изврши притисок врз земји како Јапонија и САД, во кои и натаму безмилосно се егзекутираат луѓе.

Автор: Сабине Рипергер/Трајче Тосев

Редактор: Жана Ацеска