1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Кадрицке: Тужбата на Македонија е контрапродуктивна

Интервју со Нилс Кадрицке, слободен новинар, уредник во германското издание на весникот „Ле монд дипломатик“ за тужбата на Македонија пред судот во Хаг и спорот со името. Интервјуто го водеше Нада Штајнман.

default

Нилс Кадрицке

Македонија реши да ја тужи Грција поради НАТО блокадата. Како, Вие Г-дине Кадрицке гледате на таквата одлука?

Кадрицке: „Ако сум искрен, оваа мерка од повеќе причини е многу сомнителна, и според мое мислење таа е бесмислена и контрапродуктивна. Во секој случај е погрешна тактика во однос на Грција. За тоа ќе наведам три причини. Прво, мислам дека воопшто прифаќањето на тужбата од страна на Меѓународниот суд на правдата во Хаг е неизвесно. Судот е надлежен и радо презема обврски во случаи кога однесувањето и постапките на државите се мерат според меѓународни норми односно договори. Меѓународниот суд, меѓутоа, е многу воздржан кога се работи за билатерални прашања односно за интерпретација на билатерални договори. Мислам дека судот ќе биде многу, многу воздржан во проценката на ова прашање. Второ, дури и ако судот ја прифати тужбата тогаш ќе се отвори спор околу интерпретацијата на договорот од 1995-та, при што двете страни ќе ги изнесат своите тужби. Грците, како што веќе се најавува во првите реакции ќе укажат на тоа дека ФИРОМ, според нивно мислење, направила прекршок на некои параграфи од договорот. Тие, на пример, можат да укажат на тоа дека во договорот стои оти во догледно време ќе се најде решение за конкретното име, оттогаш поминале 12 односно 13 години, а решение не е најдено, што значи дека договорот не е исполнет. Вака погледнато, не верувам дека Меѓународниот суд на правдата ќе донесе јасна одлука во полза на Македонија. И трето, а според мене тоа е и најважниот аспект, е тоа дека доколку воопшто биде прифатена тужбата тогаш процесот ќе трае неверојатно долго, повеќе од три години, додека биде донесена пресуда. Според мое мислење, најфаталниот впечаток од сегашниов чекор што го презеде македонската влада е дека се откажува од актуелниот процес на посредништвото и дека игра на време. Ако тоа значи дека ним им е сеедно дали пресудата ќе биде донесена по три години, за нив времето и така и така е загубено, тогаш тоа остава фатален впечаток и според мене е тактичка грешка.“

Со оглед на фактот дека маневарскиот простор за Македонија станува се’ потесен, што би предложиле Вие како алтернатива?

Кадрицке: „Ако Македонија тужеше поради грчкото ембарго 1994-та / 95-та, сметам дека ќе имаше извонредни изгледи на успех. Таква тужба, според мене, со голема веројатност би имала позитивен успех и би ја донесла Грција во дефанзива. Но, да се бара судско појаснување на позицијата од еден договор, сметам дека е крајно контра-продуктивно. Многу е тешко да се каже што би била алтернативата. Како што знаете, мојот став овде е многу критички во однос на Грција. Сметам дека е целосно неприфатливо, невозможно однесувањето на една земја да сака на друга да и’ пропише име. Вообразеност е да се сака на целиот свет да му се наметне сопственото гледање на работите, и пред се’ тоа е несензибилност спрема соседот, оти не се согледува, или не се сака да са види, дека соседната држава Македонија го има само тој македонски идентитет, наспроти грчките Македонци, кои се уште и Грци, додека македонските Македонци се само Македонци и веќе не се југословенски Македонци. Затоа го сметам тој став за погрешен и несензибилен. Но, Грција е веќе внатре во обата клуба - ЕУ и НАТО, и се разбира, како член има поголеми средства на моќ и подобар лост во раката, отколку другата страна. Морам да го кажам и следново: објективно стигнавме во ќорсокак. 80 насто од населението во обете земји, според анкетите, не е подготвено на никаков компромис. Дури и ако од грчка страна во основа биде прифатен предлогот Република Северна Македонија, тоа воопшто нема да биде прифатено од населението. Задача на политичарите и на интелектуалните елити во обете земји треба да биде тие 80 проценти против компромис или отстапки да се сведат барем на 50, за да има шанса да се разговара. Тоа, според мене, бара време така што сега морам да речам дека не гледам излез. Ионака ќе поминат неколку години додека кандидатурата на Македонија за ЕУ стане конкретна, значи кога реално ќе се пријде кон почеток на преговори, а тоа време треба да се искористи од обете страни за да се поведе рационална дискусија во населението. Во случајот со Македонија не сум толку многу упатен, а во Грција ќе биде многу тешко, но не и невозможно. Јасно е дека во моментов од Грција не можат да се очекуваат никакви натамошни отстапки, оти Нова демократија практично веќе нема парламентарно мнозинство, ПАСОК и онака е на иста линија со Нова демократија по македонското прашање, а на маргините се заканува малата партија Лаос, изразито националистичка екстремистичка партија, натамошно да го подгрее целиот конфликт. Нова демократија во догледно време можеби ќе биде зависна и од гласовите на таа партија во парламентот, за да остане на власт. Тоа е констелација која не ветува многу.“

Како ги оценувате постапките на македонската влада, со оглед на тоа што неодамна премиерот, Никола Груевски го отвори и прашањето за егејските Македонци и му напиша писмо на Караманлис. Дали тактички тоа беше мудра одлука?

Кадрицке: „Не, во секој случај тоа не беше добро. Морам да признаам дека јас не можам целосно да ја сфатам внатрешно политичката ситуација, но гледам дека има конкуренција меѓу две струи, една умерена и една екстремна. Таа на премиерот ја сметам за фатална, и тоа го велам свесно и поради тоа што ја гледам веќе реакцијата на таквата позиција во грчката јавност. Тоа уште повеќе ќе ги запали екстремистите во Грција. Што се однесува до прашањето на малцинствата, постои голема чувствителност. Како што е познато, во Грција не се признава тоа малцинство и со исклучок на некои експерти, кои бараат барем да му се признае јазикот, одвај некој да знае дека тоа малцинство постои. Станува збор за многу мало малцинство, кое сепак треба да ги добие своите права. Според мое мислење, сосема е на место Славомакедонците од Северна Грција да си ги бараат своите права и активно, со свои здруженија или индивидуално, да настојуваат пред европските судови да ги добијат нивните права. Но, мислам дека е крајно непродуктивно и спротивно на интересите токму на овие луѓе во Грција, ако една влада надвор од границите се залага за нивните права и тоа токму во една толку вжештена ситуација, каква што е сегашнава.“

Говоревме за дипломатските чекори на владите, но не смееме да заборавиме дека се работи за Македонците, за еден народ кој би го загубил својот идентитет. Како го оценувате ставот на ЕУ во оваа ситуација? Дали државите членки на Унијата ја понесоа одговорноста за еден народ, кој има право на сопствена држава и на сопствено име?

Кадрицке : „Не, мора сосем јасно да се каже дека таа не ја оправда одговорноста. Ако се зборува со дипломати од различни земји, и тие го признаваат тоа. Тие велат: ние целосно согледуваме дека Македонците имаат право на своето име, ние не го сфаќаме грчкиот став. Инаку, има уште еден аргумент, што јас го сметам за апсолутно неизбежен, а за кој премногу ретко се чита. За мене би било сосем доволно името Република Македонија. Грција има провинција Македонија која не се вика Република Македонија. Тоа значи дека Република Македонија е поим кој таа држава сосем јасно ја разликува во однос на бугарскиот дел на Македонија и грчкиот дел на географска Македонија. Како што Големото Војводство Луксембург е самостојна држава, која со титулата Големо Војводство се разликува од белгиската провинција Луксембург, така е и Република Македонија препознатлива засебна држава, која не е во конкуренција со провинциите Македонија во двете соседни држави. Тоа, всушност, би морало да биде сосем доволно, така што грчките аргументи воопшто не можам да ги сфатам. Тоа би морала да го прифати и ЕУ. Но, истите дипломати кои на Македонците им припишуваат дека имаат право на своето име, велат - и тоа прилично очајни - се’ додека во ЕУ владее принципот на едногласност во надворешно-политичките решенија, а со тоа и за пристап на нови земји, не можеме ништо да сториме против Грците. Морам искрено да кажам, на таа идеја дојдов кога ми стана јасно дека македонската влада мора да смета на најмалку три до четири години до решението на Меѓународниот суд на правдата, доколку воопшто дојде до него. Секој кој реално гледа на работите, знае дека и до членството во ЕУ исто така ќе потрае подолго време. Значи, јас прво би се концентрирал врз исполнување на реалните политички и економски услови за државата Македонија за членство во ЕУ, за навистина потоа, кога ќе дојде моментот, да ги има сите аргументи на своја страна. И второ, апсолутно би полагал врз тоа дека било кога, ценам во наредните три до четири години, ќе биде укинат принципот на едногласност во надворешно-политичките решенија и ќе биде усвоен мнозинскиот принцип и тоа фактички би била влезница за Македонија. Во овој контекст би сакал да спомнам една епизода која ми остана во свежо сеќавање. Кон крајот на 90-тите години имавме брифинг со еден поранешен грчки министер за надворешни работи, чиешто име нема да го спомнам, и кој нам сосем јасно ни‘ рече дека копнее по денот кога во ЕУ ќе се донесуваат решенија со мнозинство гласови. Оти, само тогаш на Грците, значи на сопствениот народ, ќе му биде истеран од глава тој ирационален став и Македонија со мнозинско решение ќе биде примена во ЕУ под тоа име. Ова не е актуелен рецепт, но мислам дека и без тоа во ЕУ ќе влезе дури на среден рок, со оглед и на сегашната колебливост воопшто околу проширување на ЕУ, и може да се верува дека грчкото вето ќе стане беспредметно. Но, се’ додека е во сила, јас во улога на македонски политичар, ако така би ме прашале, би опстојувал врз тоа, да не и’ спротивставувам сопствена ирационална позиција на грчката ирационална позиција и со тоа конечно би го разбил тој фатален круг, екстремистите на обете земји меѓусебно да си даваат аргументи.“

Господине Кадрицке, на Америка и’ се придава голема улога токму во решавањето на спорот меѓу Македонија и Грција. По победата на Обама, можеме ли да очекуваме промена на американската политика во однос на ова прашање, пред се’ ако се има предвид дека грчките лобисти интензивно го поддржуваа новиот американски претседател?

Кадрицке: „Јас нема да учествувам во некакво си гледање на кафе зашто во предизборна кампања се говори за се‘ и сешто и грчките новинари со гордост известуваат за тоа дека овој или оној советник на Обама или Меккејн позитивно се изјаснил за грчкиот став во однос на Македонија или Кипар. Тоа треба да се третира со голема претпазливост. Сметам дека ставот на САД во однос на Македонија и во однос на македонското прашање сигурно нема да се промени во полза на Скопје, но нема да биде ни значително поблизок до грчкиот став. Ми се чини дека новата администрација главно ќе ја поддржува иницијативата на ОН и на Нимиц за решавање на ова прашање и ќе врши помал притисок, за разлика од владата на Буш. Јас не би очекувал големи промени.“

DW.COM