1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Кадима очекуван победник на изборите, но со неочекувано мал број мандати

На парламентарните избори во Израел победи партијата на вршителот на должноста израелски премиер Ехуд Олмерт. Блокот Ликуд падна дури на петта позиција

Ехуд Олмерт при гласањето

Ехуд Олмерт при гласањето

Олмерт ги повика Палестинците на мировен компромис во блискоисточниот конфликт. „Подготвени сме да се откажеме од делови на историскиот Израел“ – рече Олмерт обраќајќи им се на своите приврзеници во Неве Илан кај Ерусалим. Основа, според него, се досегашните мировни договори, како и меѓународниот мировен план Мапа на мирот. Олмерт се закани дека Израел „ќе ја земе судбината во сопствени раце“, доколку Палестинците не се подготвени на мировен компромис, и оти во согласност со другите земји, посебно со САД, самиот еднострано ќе ги утврди границите. „Израелска влада која не ги признава легитимните права на Палестинците да востановат своја сопствена држава, никогаш не може да постигне мир или решение на конфликтот“, возврати новиот палестински премиер Исмаил Ханија велејќи дека неговата влада отфрла секаков едностран план на Израел.

„Денес има мнозинство за одделување од Палестинците и за повлекување од окупираните територии; допрва ќе се покаже дали тоа ќе биде еднострано направено или во согласност и преговори со Палестинците. Тоа многу зависи и од нив“ – оцени поранешниот израелски амбасадор во Берлин Ави Примор, кој смета дека доколку дојде до коалиција на Кадима со Работничката партија, ќе дојде и до преговори со Палестинците. Според интернет-изданието на израелскиот весник „Џерузалем пост“, во текот на ноќта Амир Перец телефонски му ја честитал победата на Олмерт и биле договорени први разговори за можна соработка во идната влада.

Инаку, партијата на Олмерт Кадима освои 28 места во новиот состав на израелскиот парламент, далеку помалку од предвидуваните 34 до 36 мандати. Втора најсилна фракција ќе има Работничката партија на Амир Перец со 20 пратеници, трета е ултраортодоксната Шас-партија со 13 мандати, пред партијата на ултра-националистот Авигдор Либерман со 12 и дури на петто место е победникот на претходните избори, блокот Ликуд, кој предводен од Бенјамин Нетанјаху освои само 11 места во парламентот. Арапските партии имаат заедно 10 пратеници.

„Парламентот е расцепкан на многу делови, вкупно 14 партии, многу од нив и самите внатрешно расцепкани. Мислам дека јавноста смета оти е потребна партија на центарот која ќе може да донесува решенија и ќе може да ги совлада многу комплексните проблеми“ – оцени носителот на Нобеловата награда за мир, поранешен премиер и министер за надворешни работи Шимон Перес, на овие избори кандидат на Кадима. Перес смета дека изборите имаа „решавачко значење за границите на државата, нејзиниот карактер и нејзиниот морален идентитет“.

Учеството на избирачите од 63,2 процента беше на историски најниско ниво во Изаел.