1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Каде се САД во сегашните кризни ситуации?

Еден поглед наназад: што преостана од можностите што своевремено ги најавија САД

Џорџ Буш

Џорџ Буш

Блискоисточниот конфликт ескалира, во Ирак секојдневно десетици луѓе гинат во напади со нејасна заднина и непознати сторители и инспиратори... Тоа ни оддалеку не се сите кризни жаришта во светот. И каде се во оваа ситуација САД?

Американскиот претседател Џорџ Буш во јануари 2002-ра година: очите му сјаат, ликот решителен, повеќе истура реченици, отколку што ги зборува кога говореше за оската на злото - Иран, Северна Кореја, Ирак – и за својата решеност да дејствува: „Добро ќе размислиме. Само, немаме ни време. Ако се заканува опасност, јас нема да чекам на напредок. Нема пасивно да гледам како затгозувањето се’ повеќе се приближува“.

Претседателот Џорџ Буш во 2006-та: бара зборови, бара согласност, агитира за дипломатски приод, за трпение: „Гледате како работи дипломатијата – не само во Северна Кореја, туку и во Иран. За некои може да е болно тука само да набљудуваат. Потребно е време. Не мислат сите како што мислиме ние. Дипломатскиот процес е бавен и макотрпен“.

И натаму станува збор за оската на злото: од Ирак секојдневно доаѓаат вести за масакри, Иран демонстрира мускули на Блискиот и Среден Исток, а Северна Кореја неказнето врши ракетни тестови. Конзервативни Републиканци, како Њут Гингрич, велат дека американската влада не е веродостојна: „На Северна Кореја и’ се заканивме со стравични консеквенции доколу лансира ракети. Тие го направија тоа. Ние им се заканивме и дека и Кина ќе притисна – ништо не се случи. Потоа се заканивме со остра резолуција на ОН – произлезе слаба, оти инаку Кинезите ќе ставеа вето. Нема консеквенции“.

Били Кристол, публицистички трасер на патот на неоконзервативците, избира најгруба форма на навреди: надворешната политика на Буш е клинтоновска. Буш се оправдува: „Некои велат:Америка секогаш постапува на своја рака. Напротив – ние создадовме мултилатерална рамка за да ги решиме тие проблеми, но решавањето не оди преку ноќ“.

Овој „мултилатерален“ Буш разлути многумина негови некогашни сопатници на стариот курс. Некои сопартијци го критикуваат како надворешнополитички попустлив; демократите, пак, ја сметаат војната во Ирак за корен на американските слабости. Според нив, потрошена е веродостојноста на американската интервенција, секој ден во Ирак се покажува дека светската сила е воено врзана и политички безуспешна. Демократот Џозеф Бајден му префрла на Буш: „Ние сме неуспешни во Ирак, оти немаме никакво политичко решение. Потфрлањето на оваа влада кај изработувањето политичка стратегија за Ирак се’ повеќе отежнува да се зборува за успех“.

Честопати повторуваното тврдење на Буш дека светот станал посигурен по соборувањето на Садам Хусеин, е прегазено од политичката реалност. Северна Кореја, Иран и сегашната војна меѓу Хезболах и Израел создаваат поинаков впечаток. Американската влада досега можеше само да најави дека министерот за надворешни работи Кондолиза Рајс ќе патува на Блискиот исток. Се’ уште е нејасно со кого, кога и каде таа ќе разговара.