1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Каде се забавуваат вашите деца?

Понудата за забава на децата во Скопје е скромна. Тоа што го има во поголем дел е старо, со децении. Нешто се менува, но тоа засега е недоволно.

default

Модерните забавни паркови-само сон за младите од Скопје

Македонскиот главен град не може да се пофали со квалитетна понуда за забава на најмладите. Ако сакате да го прошетате вашето дете низ Скопје, а притоа тоа да се забавува, немате многу опции. Градот нуди само еден забавен парк со реквизити стари неколку децении, една Зоолошка градина, која од неодамна конечно почна да добива нов лик и толку. За друго, опциите се градскиот парк и маалските игралишта.

Горан е татко на две деца и како секој родител посакува Скопје да им понуди нешто повеќе на најмладите:

„ Освен сега што ја реновираат зоолошката градина нема нешто што може интересно да се види. Луна паркот е премногу стар и едноставно да ти е страв да го пуштиш таму детето. Во Скопје друго, нема ништо“, вели Горан.

Се препорачува трпение

Во пролетните денови, децата најмногу се радуваат на Луна паркот кој речиси и да не е променет во последниве триесетина години. Билетот за едно возење на тамошните стари реквизити чини 35 денари. Директорот Миодраг Атанасевски е свесен дека понудата е премала и неквалитетна, но советува Скопјани да се стрпат бидејќи за една или две години се планира реновирање или проширување на паркот: „Бројот на реквизитите е поголем отколку што беа пред неколку децении. Но сепак не сакам да кажам дека тоа е доволно за да ги задоволи потребите на град како Скопје. Градоначалникот Коце Трајановски има проект за тоа како би изгледал паркот. Постапката е започната, се работи на планот за Скопје да треба да добие свој забавен парк. Во првата фаза ќе биде на самото место на 25 илјади квадрати. Но за реализација на целиот проект од 95 илајди квадрати ќе треба измени на Деталниот урбанистички план за што ќе бидат потребни најмалку две години“.

Mazedonien Land und Leute Kinder in Skopje

Децата се желни за забава

Позитивни примери

За разлика од Луна паркот, Зоолошката градина конечно започна да добива ново руво. Од неодамна таму никнуваат нови живеалишта за животните, се најавува збогатување на животинскиот свет, со што полека но сигурно таа наликува на европските зоолошки градини.

Едно од ретките места во градот кое во континуитет им нуди квалитетна програма и забава на најмладите е Театарот за деца и младинци. Оваа културна институција годинава прославува 20 години од постоењето. Директорот Љубомир Чадиковски за Дојче веле објаснува која е тајната за успехот и полните сали деца и родители: „Нашето е да ги развеселиме децата и да извлечеме од нив емоции. Она што е најважно, а да не се заборави на крајот дека тие се сепак деца. Во овие времиња нашата публика е навистина млада, доаѓаат и деца од две ипол години. Најважно е да почувствува сенсот, а тоа е ако има многу музика, убави костими, децата да се поистоветат со ликовите. Штом се извлечат емоциите, значи дека претставата е на вистински пат“, вели Чадиковски.

Сепак и во услови на скромна понуда, локациите за забава на најмладите речиси постојано се полни со посетители. Факт кој за надлежните треба да претставува поттик, но и обврска дека кога станува збор за најмладите, не треба воопшто да се штеди за тие да се направат посреќни.

Автор: Костадин Делимитов

Редактор: Жана Ацеска