1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Каде оди германската економија?

Криза наоколу, а германското стопанство во 2012-та забележа пораст, иако рака на срце - благ. Каква ќе биде 2013-та? Одговорите на ова прашање се многу различни.

Погледот во годината што почнува е секогаш полн со надеж и очекувања. Со оглед на еврокризата, во погледот кон 2013-та има и стравувања. Тензијата е малку намалена, но кризата сигурно нема да биде надмината во 2013-та. На вакво мислење се редица економски експерти кои на почетокот на годината традиционално даваат прогнози за конјуктурата.

Фердинанд Фихтер, експерт за конјуктура во Германскиот институт за економски истражувања (ДИВ), вели дека мирот што со себе го носат празниците лаже. Тој од страна на политичарите е користен за да се види што ќе се случува. Сите реформски напори, како банкарската унија, продлабочен европски интегративен процес или Фискалниот пакт, се речиси парализирани во моментов. „Тоа е најпогрешното што може да се направи во моментов“, вели Фихтер. Добро е што ситуацијата на финансиските пазари се олабавила, но „кризата со тоа е можеби само малку смирена, но со сигурност не е надмината и мислам дека тоа може да ни се одмазди.“

Само благ пораст

Кризата во еврозоната останува и натаму најголемата пречка за светската конјуктура, и тоа е мислење не само на ДИВ. За тековнава година ДИВ прогнозира економски пораст од 0,9 проценти, додека Институтот за макроекономија и истражување на конјуктурата (ИМК), кој е близок на синдикатите, проценува дека порастот ќе изнесува 0,8 проценти.

Deutschland Wirtschaft Symbolbild Konjunktur IFO

Порастот во 2013-та година ќе изнесува под еден процент

Германското стопанство, како што вели директорот на ИМК Густав Хорн, годинава може да се „одржи на површина“, но на нозете се‘ уште му виси тешката рецесија во еврозоната. Би било илузија да се мисли дека Германија може трајно да се оттргне од еврокризата, вели Хорн: „Зборуваме за пораст во Германија кој ќе биде во секој случај под еден процент. При ваков пораст не може да се очекува пораст на вработувањето.“

Антон Бернер, претседател на Сојузот на германската трговија на големо, на надворешната трговија и услуги (БГА), проценува дека еврокризата ќе трае до 2016 година. Сепак, по најавата на Европската централна банка да купува државни обврзници од земјите во криза, нема да има ескалации на кризата. Бернер во годините што доаѓаат, покрај еврокризата, гледа други предизвици за германската економија, како конкуренцијата од Кина и САД.

Конкурентите Кина и САД заплашуваат

Symbolbild Energiewende

Енергијата за претпријатијата во САД е до 70% поевтина

Со оглед на растечките цени на енергијата и трошоците за работа, Германија губи на конкурентност. Во сферата на трговијата на големо, веќе сега речиси секое десетто претпријатие е потиснато од конкурентите, кои имаат подобра позиција. Претпријатијата во САД, на пример, можат да купуваат 70% поевтина енергија отколку во Германија. Освен тоа, во САД населението расте и нема недостиг на подмладок. Барањата кои Бернер ги поставува за Германија да стане повторно атрактивна не се нови. Во Германија има премногу закони, прописи и правила. Бирократските пречки мора да се симнат, а даночниот систем да се поедностави. Од многуте мерки кои владејачката коалиција ги вети, најголем дел заглавија во „џунглата“ на федерализмот и партиска идеологија. Со оглед на големите мерки за штедење кои мора да се спроведуваат во јужноевропските земји во криза, неодржливо е во Германија да има уште повеќе „социјални добродетелства“.