1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Каде одат парите од македонскиот буџет?

Јавните пари од државниот буџет во Македонија се трошат нерационално, без отчет на институциите каде одат тие, без тендери-анализи на Центарот за граѓански комуникации и Центарот за истражување и создавање политики.

default

Државниот завод за ревизија во Македонија е предвидено да стане уставна категорија, со зацртана можност и тој како финансиска институција да има право да го предложува буџетот на државата за усвојување во Парламентот, информираат за Дојче веле неговите официјални претставници.

Но, во меѓувреме, во очекување дали ова и практично ќе се случи, експертите и аналитичарите критички забележуваат дека постојниот буџет, креиран од Министерството за финансии, мора да стане многу попрегледен и поразбирлив за обичните граѓани, да создаде можности за јавни расправи како се трошат народните пари.

Кога тоа ќе се оствари, тогаш ќе може да се очекува и подобрување на транспарентноста на државниот буџет на Македонија, која опадна за 5 проценти во 2010 година.

Овој заклучок произлегува од така наречената „Глобалната индексна студија“ за следењата и мерењата на транспарентноста на државните буџети во 90 земји во светот, која ја реализира и координира Меѓународниот центар за буџетска политика со седиште во Вашингтон, во САД.

Што велат експертите, но и државните финансиски ревизори-како се се трошат јавните пари во земјата?

Abakus Symbolbild Haushalt Mathematik Rechnen Finanzen

Расте бројот на директно склучени договори

Вања Михајловска, независен антикорупциски експерт и финансиски аналитичар на Центарот за граѓански комуникации, посочува:

„Контролите што ги врши Државниот завод за ревизија констатираа незаконитости во секој орган, многубројни слабости речиси во сите случаи. Можно е да постои сосема мал број исклучоци и тоа кај малите буџетски корисници. Некаде недостасува документација зошто се потрошени парите. Најчесто тие се трошат неодговорно, ненаменски и неефикасно, без транспарентност и отчет каде завршуваат. Не се почитуваат законот за јавни набавки, ниту процедурите и критериумите. Загрижува тоа што органите на прогонот не преземаат навремено постапка за утврдување на одговорноста за јавните набавки, или тоа го прават селективно. Во четвртото четиримесечје од 2010 година вредноста на склучените директни договори е 26, 3 милиони евра, што е за 3, 4 милиони евра повеќе од 2009 година. Наместо намалување, регистрирано е зголемување во набљудуваниот период. Законот точно предвидува во кои случаи можат да се склучат директни договори, без оглас. Меѓутоа, има примери каде што тоа не се почитува и се оди над прагот, утврден во законот. Набљудувањата вршени во последниве 2-3 години покажуваат дека се оди се‘ повеќе на склучување директни договори, без објава на оглас. Постои тенденција на одбегнување на објава за постапката, бидејќи кога тоа се спроведува со оглас, се овозможува, или треба да се овозможи, транспарентност и конкуренција, за да можат сите да учествуваат, со што би се добила и подобра понуда. Директните спогодби најчесто се злоупотребуваат, или се користат за склучувања договори со однапред одбрана фирма. Тука контролата е многу помала“.

Symbolbild Finanzloch Flash-Galerie Wochenrückblick

Вкалкулирана „корупциска ставка“

Абдулменаф Беџети, професор на Економскиот факултет на Штуловиот универзитет во Тетово, се надоврзува:

„Денес не може да се учествува на јавен тендер, ако внатре нема вкалкулирана 'корупциска графа’, врз основа на која и се добива тендерот. Неефикасното и нерационалното трошење на јавните пари расте“.

Во врска со финансиските ревизии и контроли за трошењата на јавните пари главниот државен ревизор Тања Таневска истакнува:

„Државниот завод во јануари и февруари го следи исполнувањето на нашите препораки, дадени во ревизорските извештаи за претходната година и така ги притиска институциите да постапат според тие препораки. Нивното исполнување е задоволително: од 70 до 80 отсто“.

Таневска сепак признава:

„Ние наоѓаме нерегуларности во трошењето на средствата, како и во процедурата, регулирана со закон. Еве, да ги споменам постапките за јавните набавки, како најактуелна тема. Но, од другастрана, следиме и колку институциите се корегираат во нивното работење, колку ги прифаќаат нашите препораки. Ова се движи во позитивна насока. Од година во година и законот за буџети и законот за извршување на буџетите се‘ повеќе ги стеснуваат можностите да се троши повеќе отколку што е утврдениот буџет. Корисниците мора да се движат во рамките на ограничувањата, зададени со буџетот на државата, така што не постои можност и преку контролата во Министерството за финансии, но и со трезорското работење, да се троши повеќе отколку што се има. Во постапките за јавни набавки навистина има нерегуларности. Нив ги категоризираме и ги презентираме во годишниот извештај. Меѓутоа анализата за периодот од 2006 до 2009 година покажува дека институциите значително се подобруваат во работењето и следењето на постапките: трендот на нерегуларности опаѓа, се зголемува трендот на следење на законските прописи“.

Може ли државата да го контролира трошењето на парите од буџетот?

Вања Михајловска, независен антикорупциски експерт и финансиски аналитичар на Центарот за граѓански комуникации, посочува:

„Постојат контролни механизми, интерна контрола и државна ревизија, меѓутоа прашање е дали државата сака да го контролира буџетот, бидејќи за сите наоди и констатации за незаконско, ненаменско користење на јавните пари, органите за внатрешни работи, или јавниот обвинител треба да покренат постапка. Но, досега во праксата немаме случај на покрената постапка за одговорност за тоа, ниту имаме некоја финиширана судска постапка“.

Како експерт за јавни финансии, Беџети пак смета:

„Државата не поседува капацитет за добро управување со јавните финансии. Тој капацитет е многу далеку од одговорното и транспарентно управување со 2,5 милијарди евра годишно евра како јавни пари. Растечката јавна потрошувачка веќе достаса до 37 проценти од годишниот брутодомашен производ на Македонија, наместо да се намалува за по 1 процент годишно, како што беше зацртано уште пред 3 години “.

Како да се засилат улогата и позицијата на Државниот завод за ревизија?

Во врска со ова Мијалче Дургутов, портпарол на заводот, вели:

„Подолго време настојуваме тој да стане уставна категорија. Сега сме на прагот тоа да се реализира. Со влегувањето во уставот Заводот ќе ја добие и таа, условно кажано, финансиска независност. Вториот аспект на таа финансиска независност е тоа што овој завод има право да го предложи и буџетот на државата до Собранието, а пратениците да го усвојат. Ова искуство го презедовме од холандскиот суд за ревизија“.

Тања Таневска

Тања Таневска

Може ли Македонија да добие буџет, предложен од Заводот за ревизија?

На ова прашање Танеска вака одговара:

„Се надевам дека Министерството за финансии ги има предвид забелешките и наодите на Државниот завод за ревизија во поединечните извештаи кога го прави буџетот на земјата за секоја наредна година“.

Каде се причините?

Марија Ристеска, финансиски аналитичар во Центарот за истражување и создавање политики, укажува на една од причините зошто извештаите на финансиските ревизори за незаконитостите не наидуваат на одек:

„Во Парламентот постои само комисија за буџет и финансирање. Во други земји со Заводот за ревизија на неговите извештаи соработуваат и други комисии, како што е, на пример, Комисија за јавни сметки. Во Македонија се‘ уште нема Комисија за јавни сметки, со основна задача да ги разгледува извештаите на Заводот за ревизија, да расправа и да постапува според нив. Односно, таа да дејствува како некој вид надзор.“

Автор: Свето Тоевски

Редактор: Жана Ацеска