1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Каде завршуваат парите на диктаторите?

Многу земји деновиве ги замрзнаа сметките на либискиот диктатор Моамер Гадафи. Но, тој не е единствениот - сомнителни милиони на многу други властодржци лежат на конта во Швајцарија. Сега таму почнува да важи нов закон.

default

Еден по еден паѓаат диктаторите во светот, а Швајцарците како да се подготвувале за она што ги очекува: на 1. февруари во земјата стапи на сила нов закон, со кој се затвора дупката во постапката за исплаќање на таканаречените „диктаторски пари“. Како што кажува самото име, „Лекс Дувалие“ е законска одредба, скроена по случајот на Жан Клод Дувалие, поранешниот авторитативен претседател на Хаити. Земјата уште од 1986 година се обидува да ги добие средствата, што тој ги вложувал на сметки во Швајцарија. Проблемот е во тоа што поради граѓанската војна и политичките превирања, Хаити не е во состојба да спроведе судски процес против Дувалие. Швајцарија, пак, поставува услов - државната каса на Хаити ќе ги добие парите, откако поранешниот диктатор ќе биде изнесен пред лицето на правдата.

Новиот закон „Лекс Дувалие“ е донесен за да се реши токму оваа противречност, истакнува Валентин Целвегер од швајцарското министерство за надворешни работи: „Владата на Швајцарија смета дека личностите, одговорни за пропаста на некоја држава, не смеат на крајот дури и да профитираат од тоа, бидејќи парите во суштина им се препуштени ним - државите се толку пропаднати, што таму нема кому да му се исплатат пари. Затоа е донесен новиот закон, за на поранешните диктатори да може да им се суди независно во Швајцарија, без никаква помош од нивните матични земји, бидејќи тие не се во состојба за тоа“, објаснува Целвегер.

Flash-Galerie Haiti Jean-Claude Duvalier

Хаити од 1986 година се обидува да ги добие парите на Жан Клод Дувалие

Барање за правна помош

Меѓутоа, противречно е тоа што иако законот е донесен токму за случајот Хаити, односно една од таканаречените пропаднати држави, Швајцарците бараат земјата да поднесе до Швајцарија официјално барање за правна помош, пред да можат да му судат на Дувалие во швајцарските судови. Прашањето е само како една земја, без нормален правен систем, може да поднесе барање за правна помош до друга земја?

Сепак, позитивното од новиот закон е тоа што отсега поранешните диктатори ќе мора да докажат дека средствата, замрзнати во Швајцарија, ги стекнале на легален начин. Од друга страна, Марк Херкенрат од невладината организација „Алијанс суд“, го осудува тоа што законот предвидува и можност за склучување спогодба меѓу Швајцарија и диктаторот. Двете страни можат да седнат на преговарачка маса и да одлучат кој колку пари ќе добие. Целта е да се скратат долгите судски процеси.

Херкенрат критикува: „Во законот нема одредба како треба да изгледа таквиот ’дил’. Нема максимална граница, на пример, десет или дваесет проценти од парите да им се исплатат на семејството на диктаторот, а останатите средства да ги добие населението. Така им се остава простор на адвокатите на властодржецот да бараат да му биде исплатен целиот износ.“

Flash-Galerie Ägypten Kombo Hosni Mubarak und sein Sohn Gamal Mubarak

Семејството Мубарак исто така се соочи со замрзнати сметки во странство

Законот се применува само за пропаднати држави

Законот „Лекс Дувалие“ не може да се примени во случаите Тунис и Египет, бидејќи тие не се сметаат за пропаднати држави. Египет, во меѓувреме, поднесе барање за правна помош до Швајцарија. Валентин Целвегер од швајцарското министерство за надворешни работи, вели дека тоа моментално се разгледува.

Во случајот со Либија, Швајцарија делуваше и без такво барање. Земјата ги блокираше сметките на Гадафи, со цел да спречи тој претходно да ги испразни. На крајот од секој правен процес, било да се работи за пропаднати држави, или, пак, за земји како Египет или Тунис, швајцарските судии се оние, кои одлучуваат кој ќе ги добие замрзнатите средства - дали поранешниот диктатор, или, пак, неговата земја. Доколку се одлучи средствата да ги добие земјата, тогаш тие не се влеваат едноставно во државната каса. Најголемиот дел од парите се инвестираат во развојни проекти.

Автор: Паскал Лехлер / Трајче Тосев

Редактор: Александра Трајковска