1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Каде е поевтино: во Македонија или во Германија?

Споредбата на малопродажните цени во двете земји покажува дека многу основни прехранбени производи се поевтини во Германија, наспроти анализите кои го тврдеа спротивното.

Лебот, брашното, оризот, млекото, маслото за готвење, алкохолот, козметиката... Сите овие производи се поевтини на германскиот пазар во однос на македонскиот, покажува нашето мало истражување на цените на основните животни продукти во двете земји. 

Анализата на германскиот Институт ВСИ за трошоците за живот во европските земји која ја објавивме минатата недела предизвика бројни полемики на социјалните мрежи. Во истата се тврдеше дека основните животни производи во Македонија се меѓу најевтините во Европа и дека таквата разлика доведува до тоа едно евро заработено во Германија да вреди двојно повеќе во Македонија.
Поведени од ваквиот заклучок тргнавме во директна анализа на цените на основните животни производи во Македонија и во Германија. Како основа ја зедовме содржината на потрошувачката кошничка која, иако веќе не се пресметува ниту од македонскиот Завод за статистика, сепак дава увид во тоа кои производи порано се сметале за „основни".

Нашата анализа укажува дека производите во Македонија не само што не се поевтини, туку се во најмала рака со иста цена или дури и поскапи од богатата Германија.

Во Македонија, ги споредивме цените во повеќе супермаркети во Скопје и по правило во оваа анализа ви ја презентираме најниската пронајдена цена.

Во Германија, како основа земавме супермаркет во Келн кој се смета за релативно поскап и свесно ги избегнавме најевтините „дисконти" како Лидл или Алди, затоа што во таков случај, разликата ќе беше уште поголема.

Најдиректна споредба успеавме да направиме во понудата на германската дрогерија „ДМ" која во меѓувреме отвори свои продавници и во Македонија, а ги нуди речиси истите производи во двете земји. Притоа, споредивме производи за кои царината е укината уште од 2011 година согласно Договорот за слободна трговија со ЕУ.

Нашиот заклучок: без оглед на огромната разлика во животниот стандард и просечната плата, цените во Германија во најголем дел се пониски. Во Македонија се поевтини солта, кафето, овошјето и зеленчукот. Во анализата не е земена предвид цената на цигарите, кои во просек, во Македонија се речиси трипати поевтини, ниту на облеката. Исто така, невозможно е да се направи и анализа на квалитетот на производите.

default

Нашата анализа укажува дека производите во Македонија не само што не се поевтини, туку се во најмала рака со иста цена или дури и поскапи од богатата Германија.

Минимални разлики во цената на храната

Но, да одиме по ред. Кај основните прехранбени продукти разликите се минимални.
Во просек, векна бел леб од 750 грама во Германија чини 0,85 евра (51 денар), а француски багет од 250 грама чини 0,60 центи (36 денари). Векна бел леб од 250 грама во Македонија чини 27 денари, а некаде достигнува и 39 денари.

Домашен ориз од втора класа во Македонија за 900 грама чини 46 денари. Во Германија, ориз од прва класа чини од 0,80 центи (48 денари) за килограм.

Најевтиното брашно од Тип 400 во Македонија може да се најде за околу 24 денари за килограм. Истото во Германија чини од 0,30 центи (18 денари) за килограм.

Килограм шеќер во Германија чини околу 0,69 центи (42 денари), а во Македонија најевтиниот кој го најдовме во супермаркет беше 38 денари за килограм.

Еден литар кравјо трајно млеко со масленост од 3,2 проценти во Македонија може да се најде за најниски 38 денари, а просечната цена се движи околу 45 денари за литар. Во Германија, најевтиното млеко започнува од околу 0,55 центи (33 денари), а поскапото „Алпско" млеко е околу 1 евро. 

Сол во Германија чини околу 1,38 евра за килограм (85 денари), во Македонија 28 денари.

Килограм компир во Германија чини во просек околу 90 центи, но во некои маркети за поголемо количество од 4 килограми, на пример, можете да го купите и за 0,40 центи (24 денари) по килограм. Во Македонија компирот може да се најде за цена од 25 до 50 денари за килограм.

Еден литар од најевтиното сончогледово масло за готвење во Германија чини околу 1 евро (60 денари). Во Македонија еден литар од најевтиното масло чини 65 денари.

Кашкавалот од типот Гауда и Едамер во Македонија чини од 350 до 370 денари за килограм. Во Германија, холандската Гауда ќе ве чини околу 5 евра за килограм (300 денари), а Ементалер околу 5,4 евра (330 денари).

Килограм пилешки гради во Германија чинат 6 евра (360 денари), додека во Македонија свежото во супермаркет ќе го најдете за околу 400 денари за килограм, а смрзнатото и далеку поевтино - нешто над 200 денари за килограм. Мешаното мелено месо (свинско и јунешко) во Германија е во просек околу 4,5 евра (270 денари) за килограм. Во Македонија, еден килограм чини најмалку 240 денари, а за свежо мелено и до 360 денари за килограм. 

Mazedonien Preise Vergleich (DW/K. Delimitov)

Поголема разлика има единствено во цените на овошјето и зеленчукот во двете земји. Македонскиот потрошувач има поевтин избор.

Мала табла со шест јајца во Македонија чини околу 50 денари, а во Германија околу 1 евро (60 денари).

Кај цената на кафето е малку потешко да се направи директна споредба затоа што во Македонија далеку повеќе се конзумира турското кафе, кое во Германија речиси и го нема во големите супермаркети. За 100 грама „турско" во Македонија треба да издвоите околу 37 денари, додека 100 грама „филтер" кафе кое најчесто се конзумира во Германија ќе ве чини околу 1,5 евра (90 денари) за 100 грама.

Помала е разликата кај „Нес" кафето за кое во Македонија за 200 грама ќе платите 310 денари, а во Германија околу 6 евра (360 денари).

Заштедете на овошје и зеленчук - преплатете алкохол

Кај овошјето и зеленчукот македонскиот пазар е во предност, и тука цените се во корист на тамошните потрошувачи. Јаболката во Македонија се продаваат од 23 денари за килограм, па нагоре. Во Германија најевтините домашни јаболка не можете да ги најдете за помалку од 1 евро за килограм, а увозните достигнуваат и до 3 евра. Мандарини во Македонија чинат околу 45 денари за килограм, а во Германија 1,33 евра (80 денари) за килограм.

Слично е и кај зеленчукот: доматите во Македонија чинат меѓу 80 и 120 денари за килограм, а во Германија - 2,50 евра (150 денари). Краставиците чинат 192 денари за килограм во Македонија, а во Германија 0,70 евра (42 денари) е едно парче кое вообичаено тежи меѓу 250 и 300 грама.

Килограм пиперки во Германија ќе ве чини околу 2,50 евра (150 денари), а во Македонија 125 денари.

Кај безалкохолните пијалоци исто така нема подрастични разлики во цените во двете земји. Шише „Кока-кола" или „Фанта" од 1,25 литри во Македонија чини 45-50 денари. Во Германија, пак за еден литар „Кока-кола" ќе платите 85 евроценти (51 денар).

И кај сокот од портокал, споредбата дава сличен исход. Еден литар од поевтините марки во Македонија чини околу 60 денари, слично како и во Германија, каде можете да го купите сокот за околу едно евро. Поскапиот сок од портокал на фирмата „Рауш", кој може да се најде и во двете земји, во Македонија чини 90 денари, а и во Германија 1,5 евра.

Алкохолот, пак, е далеку поевтин во Германија. Поевтиното виски од 0,75 литри како „Џони Вокер", „Балантајн" или „Џејмисон" во Македонија чини околу 1.000 денари. Во Германија истото има просечна цена од 10 евра (600 денари). 

default

Податоците на Еуростат даваат поинаква слика за цената на основните животни производи во Македонија.

Просечната цена на пивото, пак, е нешто пониска во Македонија, иако незначително и тоа само за домашните марки во големи пакувања од 1,5 или 2 литра. „Хајнекен" од 0,33 литри во Македонија чини 55 денари. Во Германија нешто под 1 евро, доколку купите „сикспек". Увозната „Корона" во Македонија чини 100 денари, а во Германија - 1,55 евра (100 денари) за шише од 0,33. Германското пченкарно пиво на „Кромбахер" во Германија ќе ве чини 0,75 евра (45 денари) за шише од 0,33 и десетина центи поевтино доколку земете пакет од 6 шишиња. Во Македонија истото чини 72 денари од шише.

Слична е приказната и со виното. Иако производството на вино последниве години доживува процут во Македонија, цените се релативно високи во споредба со она што се нуди на европските пазари. Најевтиното сортно македонско вино започнува од 170 денари од шише, а поквалитетното се нуди во просек за околу 500 денари. За споредба, македонско вино флаширано во Германија во овдешните супермаркети чини 1,6 евра (100 денари). Врвните сорти увезено француско, италијанско, шпанско или чилеанско вино во Германија можете да ги добиете веќе од просечни 6-7 евра (350-400 денари) за шише.

Голема разлика кај козметиката

Кај производите за домаќинство и козметиката разликата во цените е чувствителна и тоа во корист на германските потрошувачи. Иако во нашата споредба ги зедовме цените од иста фирма - дрогеријата „ДМ", сепак, исти производи во Македонија се двојно, па и тројно поскапи.

Детергент „Персил" за 20 перења во македонскиот ДМ на попуст во моментов чини 289 денари, а редовната цена му е 365 денари. Во германскиот ДМ истиот детергент по редовна цена се продава за 5,15 евра или околу 320 денари. На попуст може да се најде и за до едно евро помалку.

Слично и прашокот за перење од марката „Ариел". Во македонскиот ДМ кеса за 20 перења чини 309 денари на попуст. Во Германија, тие чинат од 3,55 евра (210 денари) за 14 перења до 6,55 евра (390 денари) за 28 перења. 

Mazedonien Preise Vergleich (DW/K. Delimitov)

Некои германски производи за домаќинство и козметика во Македонија се и тројно поскапи

„Жилет Фјужн Прошилд", бричот за мажи на најпознатата светска марка, во македонскиот ДМ во моментов се продава за 835 денари и тоа со 15 отсто попуст. Редовната цена инаку му е 979 денари. Истиот во ДМ Германија по редовна цена чини 10,95 евра или околу 670 денари. Во други маркети за продажба на козметика и поевтино.

„Балеа Мистик" брич за жени, во македонскиот ДМ во моментов се нуди на попуст за 239 денари, со заштеда од 60 денари. Но истиот во германскиот ДМ по редовна цена чини 2,95 евра или околу 180 денари.

Течен сапун „Балеа" во моментов се нуди на попуст во Македонија за 79 денари, а редовната цена му е 105 денари. Во Германија редовно се продава за 55 центи или за нешто повеќе од 30 денари, а на попуст и поевтино.

Разликите се големи и во цените на шампоните за коса меѓу двете земји иако се работи за истиот маркет. Шампон „Пантен Про-В" од 200 милилитри во Македонија чини 208 денари, а во Германија 1,45 евра или околу 90 денари. Гел за туширање од 250 мл на „Балеа" во Македонија во просек чини околу 120 денари, а во Германија поголемо количество од 300 мл чини 0,55 евра или малку над 30 денари.

Но, најдовме и обратен случај: маскарата „Мејбилајн" која во Германија чини 9,95 евра (600 денари), во Македонија се нуди за нешто помалку од 5 евра - 299 денари.

За крај потсетување дека просечната нето плата во Македонија е околу 23 илјади денари или нешто под 400 евра. Во Германија нето-платата во просек достигнува речиси 2.200 евра месечно, иако сѐ уште постојат релативно големи разлики меѓу истокот и западот на земјата.

DW.COM