1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Каде е медијацијата во полза на граѓаните?

Во Македонија се‘ уште не е заживеана медијацијата, како вонсудска постапка на алтернативно решавање спорови со помош на трето неутрално лице, што помага да се изнајде заедничко решение.

default

Во Холандија има повеќе од пет илјади медијатори, кои решаваат илјадници случаи. Од тоа 25 проценти во рок од пет часа, а 35 проценти од случаите во рок од 5 до 10 часа. Во Македонија има околу 170 лиценцирани и обучени медијатори. Откако пред шест години со соодветен закон е воспоставен системот на медијација со цел да се намали бројот на предметите во судовите, резултатите се поразителни.

Адвокатот од Скопје Зоран Петковиќ, кој е претседател на Комората на медијатори на РМ, вели: „Почнувајќи од 2006-та досега, во регистерот на медијации досега има запишано само 4 такви постапки. Можеби има уште некои, кои не се запишани, педесетина или стотина медијации. Причина за оваа состојба е доброволниот концепт на медијацијата.“

Институтот за европска политика од Скопје е вклучен во активностите за засилување на медијацијата во земјата. Директорката на тој институт д-р Малинка Ристевска-Јорданова укажува дека не се пријавуваат сите извршени

Mazedonien Besnik Kamberi

Бесник Камбери: Интерес кај граѓаните има, но и скепса

медијации, посочувајќи едновремено и на анкетата со медијаторите од март годинава: „Тогаш беа пријавени 130 предмети од страна на 84 медијатори. Проценката за бројот на предмети е многу повисока. Има проблем во врска со регистрацијата на предметите.“

Во Тетово има 6 медијатори, но вонсудското спогодбено решавање на споровите меѓу граѓаните речиси и да го нема. Еден од тие медијатори е Бесник Камбери. Тој напоменува: „Многумина беа заинтересирани за оваа постапка: доаѓаа кај мене во канцеларијата, прашуваа што е тоа, искажуваа одушевеност. Но, потоа, поголемиот број од нив не се вратија. Не се сигурни, бидејќи е таков менталитетот: дека само кога судот ќе изрече пресуда, тогаш има сила, санкција.“

„Дваесет евра за еден час медијаторски услуги“

Овој медијатор за 9 месеци имал само 4 случаи на медијација и тоа со лица не од Македонија, туку печалбари во европските држави: „Сакаа некои свои несогласувања од граѓанска природа да ги надминат со помош на медијатор. Успеавме и постапката траеше 80 минути. Ми платија 22 евра.“

Петковиќ нагласува каква е кокретната полза за граѓаните од оние неколку стотини извршени медијации во изминативе години: „Граѓаните во медијационите постапки имаат добиено голема полза: нивните спорови се решавани во рамки на законски максимално дозволениот најдолг рок од 45 дена, односно, за 3 часа во просек се решавани предмети кои во судските постапки можат да се водат 3-5 години и да чинат огромна сума пари. Медијаторските услуги се евтини.“

Symbolbild Winkeladvokat

Медијаторските постапки се кратки и многу поевтини од долгогодишни судски постапки

Според Институтот за европска политика, додека, од една страна, медијацијата може да потрае со часови, или денови, од друга страна, судската постапка во земјата годинава во просек траела 370 денови. Во февруари годинава Министерството за правда започна да реализира проект за унапредување на примената на медијацијата во земјата. Една од главните дилеми е: дали таа постапка да остане доброволна, каква што е во суштина, или во неа да се внесат елементи на задолжителност?

Петковиќ е убеден дека треба да преовладее задолжителната медијација: „Заради тоа, пред неколку месеци Владата донесе акционен план, со цел да се изнајдат можности за воведување задолжителен обид за медијација во неколку закони.“

Ристевска-Јорданова истакнува дека внимателно ќе се дефинира концептот на медијацијата, таа да биде задолжителна само во оние случаи кога е многу поефикасна и поисплатлива за граѓаните отколку судската постапка: „Ќе се оди на задолжителен обид за медијација само тогаш кога ќе бидеме убедени дека имаме доволно квалитет и капацитет тоа да се заврши на најдобар можен начин.“

Како и да е, претстојат измени во законот за медијација. Останува да се види какви ќе бидат тие, дали ќе предизвикаат поголема доверба кај граѓаните кон ваквата постапка и дали конечно ќе ја оддалечат земјата од „опашот“ на европската медијација.