1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Каде Германците се најсреќни?

Последниот т.н. „Атлас на среќата“ во Германија покажа дека постојат големи регионални разлики во однос на среќата на Германците. Што ги прави луѓето среќни - богатство или нешто друго?

Улрих Шите е бродоградител. Чамците од дрво се негова страст и професија. Повеќе од дваесет години тој поправа стари чамци во својата работилница во пристаништето. Работата е физички напорна, но си ја сака професијата. Со рачна работа, мали бродоградители како него не можат да се збогатат. Улрих Шите сепак ја најде среќата во покраината Шлезвиг-Холштајн.

„Сметам дека на море или во Шлезвиг-Холштајн можеш да правиш и да доживееш многу работи, кои ти се компензација за материјални нешта, за кои пак треба да си богат. Поради тоа сметам дека овде човек нема толку големи потреби и е среќен и со помалку“, вели бродоградителот Шите.

Плажи, море, широчина има во изобилство во Шлезвиг-Холштајн. За истражувачите на среќата тоа е и објаснение зошто луѓето овде - на северот, во минатогодишните анкети се означија себе си за најсреќни Германци. Богатството, се чини, овде не е толку важно за да се биде среќен, велат истражувачите, туку семејството, пријателите и добар дом.

Präsentation Glücksatlas 2013

„Атласот на среќата“ покажува каде луѓето во Германија чувствуваат дека се среќни

Ако му се верува на името, да се живее во Гликсштат (на насловната фотографија), или во превод „град на среќата“, треба да е посебно задоволство. Во секој случај, тивко е и спокојно во ова место со 11 илјади жители пред портите на метрополата Хамбург. Животот малку понастрана те прави среќен, смета градоначалникот Герхард Блазберг.

„Овде можеш да здивнеш оти животот се одвива во нешто помирано, поздрав ритам. Од друга страна, имаме културна програма и друга инфраструктура, па не може да се каже дека сме најдлабока провинција“, вели градоначалникот Блазберг.

Најнезадоволни во Укермарк

Малку понастрана е и Укермарк во Бранденбург, регион со многу езера на источниот раб на Германија. Тоа привлекува туристи и уметници, како и во Шлезвиг-Холштајн. Но, овде не живеат среќни луѓе. Статистички погледнато, никаде Германците не се понезадоволни.

Тоа многу му пречи на Дитмар Шулце, окружен функционер. Тој бара решенија за проблемите поради кои неговите сограѓани се на последно место на атласот на среќата. Се бори и против опаѓањето на населението. Овде живеат сѐ повеќе стари и сѐ помалку млади луѓе. А има и уште еден проблем.

„Ние сме на периферија, на маргините. Мора да се каже дека, за жал, од тоа настана многу висока и долготрајна невработеност. Тоа многу нѐ притиска нас овде“, објаснува Дитмар Шулце, функционер од округот Укермарк.

Во потрага по работа пред неколку години и Катарина Будрус-Шиман ја напушти провинцијата. Сега се врати, заедно со сопругот и детето. Тоа сѐ уште се поединечни случаи.

25.05.2013 DW hin & weg Kolorit Uckermark 2

Луѓето во Укермарк не се чувствуваат среќно

„По завршувањето на школувањето многумина млади луѓе заминаа од Укермарк. Членовите на семејствата, кои останаа овде, се тажни дека децата и внуците им се некаде далеку. Така, овде не може да стане збор за вистински семеен живот“, вели Катарина Будрус-Шиман, повратник во Укермарк.

Далечината од работното место не прави незадоволство

Заминување не доаѓа предвид за жителите на Гликсштат, градот на среќата во Шлезвиг-Холштајн. Многумина прифаќаат и подолго да патуваат до работното место, само за да останат да живеат овде.

„Постои висок степен на идентификација со својот град. За работата, за заедништвото е добро дека на Гликсштат не се гледа како на задача за која се надлежни само политиката и управата, туку за тоа се чувствуваат одговорни и граѓаните“, вели Герхард Блазберг, градоначалник на Гликсштат.

Секогаш за родниот крај

Среќа или несреќа - за бродоградителот Улрих Шите рецептот е едноставен: мора секогаш да си за родниот крај, во добри или во лоши времиња. Тоа важи и кога тој по малку те нервира, како што овде понекогаш со одредена иронија велат рибарите.

„Ние сме најсреќните луѓе на светот - да, де, кога не сум дома, а потоа сум наполу среќен. Јас сум среќен ако имам риби во мрежите“, шеговито објаснува еден рибар.

И Улрих Шите смета дека тоа со среќата можеби и не треба да се сфати сосем сериозно - во Шлезвиг-Холштајн или било каде.