1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Кавкаски нафтовод

Долг е илјада и 800 километри, минува преку илјада и 500 реки и преку планини високи 2 илјади и 800 метри и денеска е пуштен во погон. Станува збор за нафтоводот Баку – Тбилиси – Чејхан. Од Азербејџан првпат ќе биде пренесувана нафта до турското средоземно-морско пристаниште Чејхан. Изградбата чинеше 2 ипол милијарди евра. Оваа екстремно скапа инвестиција свесно ги заобиколува Русија и Иран и треба да ја намали з

ависноста на западните земји, пред се на САД, од арапската и руската нафта. Анализа по повод денешниот старт на овој нафтовод на Томас Франке.

Мајк Билбо, портпарол на Бритиш петролеум - Турција седи на една тераса на Босфор, морскиот теснец што минува низ средината на Истанбул. Секоја минута минува по еден танкер наваму или натаму: празни кон Црното море, полни кон Средоземното. Босфорот е преминот за извоз на нафтата од Урал и од каспискиот регион и одамна е преоптоврен. Токму и поради тоа беше граден нафтоводот од Баку преку Грузија и Турција до Средоземното море, вели Билбо:

„Секој добива по нешто. Соседните земји се согласија за рута и склучија меѓусебни договори. Сите ќе учествуваат во добивките од него. Освен тоа Азербејџан ќе профитира од тоа што нафтата се извлекува од таму. Ќе профитираат и корисниците зашто нафтата од Каспиското море ќе доаѓа во Европа и тоа во момент во кој резервите од Северното море наскоро ќе бидат исцрпени„.

Проектот беше посебно поддржуван од американската влада. Тогашниот претседател Бил Клинтон во 99-та лично допатува на потпишувањето на договорот. САД се надеваат на поголема независност од арапската и руската нафта. Од промената на власта во Грузија, Американците во младиот грузиски претседател Михаил Сакашвили имаат сигурен политички партнер кој се оддалечи од Русија. На Сакашвили приходите од транзитната зделка ќе му дојдат добро, бидејќи на избирачите им вети брз економски напредок:

„Грузија сега се развива многу побргу од порано. Нашиот буџет во оваа година е трипати поголем отколку под бившиот претседател Едуард Шеварнадзе и постојано се зголемува. Во оваа година ќе инвестираме многу повќе отколку порано. На пример, штотуку потпишавме договор од преку половина милијарда долари за нафтена рафинерија во Аџарија на Црното море„.

Соседот на Грузија, Ерменија беше исклучен од нафтоводот иако рутата преку оваа земја ќе беше најкусата. Консеквенца на тоа што Ерменија стратегиски се уште повеќе е ориентирана кон Русија, но и поради тоа што ќе минуваше преку кризното подрачје Нагорно Карабах. Ерменија и Азербејџан поради тоа се наоѓаат речиси во воена состојба иако границата не е сосема затворена. Во Азербејџан добивиките од нафтениот бизнис одат во државен фонд, но се страхува дека режимот парите ги користи да ги поврати подрачјата во Нагорно Карабах што ги окупира Ерменија. И вистина: директорот на фондот, Самир Шарифов, роднина на азербејџанскиот претседател, не ја исклучува таа можност:

„Не можам да потврдам дека дека парите од фондот ќе бидат користени за купување оружје за да се подготвуваме за војна. Но, од друга страна, не можеме да исклучиме дека парите би можеле да ни требаат за тоа. Ова е официјален став на азербејџанската влада. И мислам дека трпението на луѓето во Азербејџан не е неограничено„.

Со отворањето на нафтоводот Баку – Чејхан пред се губи Русија – економски и стратегиски. Зашто досега касписката нафта главно беше извезувана преку руски нафтоводи. Бидејќи сега ќе минува низ Турција, Русија од транзитните такси губи милиони. Па сепак, атмосферата во меѓувеме се смири, смета Билбо:

„Руското државно претпријатие за нафтоводи, Транснефт го разгледа нафтоводот од Баку до Чејхан, посебно техниката, зашто ги надминува руските стандарди. Тие учеа од нас и сега сакаат да градат нови нафтоводи или преку Турција или преку Бугарија и Грција. Русија сака својата нафта да ја извезува безбедно и еколошки подносливо. Русите сфатија дека тоа е подобро отколку да испраќаат танкери низ Босфор„.

И Бритиш петролеум размислува за проширувањето на новиот нафтовод. Во Црното море во моментов се вршат нови бушења. Ако биде откриена нафта, тогаш ќе биде потребен нов нафтовод низ Турција, но тој ќе биде проширен натаму кон Исток. Тогаш ќе може кон Запад да тече не само кавкаската нафта, туку и онаа од Казахстан.