1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Кавга во коалицијата во Берлин поради Грција

Германскиот парламент денеска (27.02) одлучува околу новиот пакет помош за Грција. Коалиционите партнери се расправаат околу тоа што е подобро -Грција да излезе од еврозоната или не?

Мнозинството во Бундестагот за вториот пакет помош за Грција, тежок 130 милијарди евра, е всушност сигурно, со оглед на тоа што своја согласност сигнализираа и опозиционите социјалдемократи и зелените. Она што создава нервоза пред седницата, меѓутоа, не е однесувањето на опозицијата, туку на одреден број пратеници во владејачката коалиција. Каписла за расправија пред седницата беше изјавата на министерот за внатрешни работи Ханс-Петер Фридрих од Христијанско-социјалната унија, кој изјави оти смета дека за враќање на конкурентноста на Грција е подобро таа да излезе од еврозоната. Фридрих за магазинот „Шпигел“ рече: „Надвор од монетарната унија шансите за регенерирање на Грција и за подобрување на нејзината конкурентност се сигурно поголеми отколку кога би останала во еврозоната“. Министерот појаснува дека не се залага за исфрлање на Грција, туку е на мислење оти треба да и‘ се дадат понуди што ќе ја привлечат да излезе од монетарната унија.

Bund-Länder-Kommission Rechtsterrorismus

Ханс-Петер Фридрих

Договореното треба да важи за сите!?

Ваквите изјави на Фридрих предизвикаа бура во коалицијата. Шефот на пратеничката група на партиите на Унијата (ЦДУ и ЦСу) Фолкер Каудер е за тоа Грција да остане во еврозоната. За телевизијата АРД тој вчеравечер изјави:

„На мислење сме дека не треба да правиме ништо за да истуркаме некоја од членките надвор од еврозоната. Мора да помогнеме за воспоставување стабилност. Инаку, секој одлучува за себе. Ние сакаме Грција да остане во еврозоната. Ако се погледнат извештаите од Мексико ќе се види колкав е притисокот врз Германија да не ги остава пријателите на цедило“.

Шефот на германската дипломатија Гидо Вестервеле, кој доаѓа од редовите на помалиот коалиционен партнер - либералите, денеска за весникот „Велт“ вели дека не ги разбира политичките шпекулации околу излегување на Грција од еврозоната: „Кога нешто е договорено, тоа треба и да важи и тоа за двете страни“, рече тој.

Од ЦСУ вее поинаков ветер

Од редовите на партиските коелги на Фридрих пак, доаѓаат исто тонови како неговиот. Министерот за финансии на покраината Баварија Маркус Зедер е исто така за излегување на Грција од еврозоната поради тоа што Атина досега направила малку против должничката криза. Зедер за „Пасауер Нојен Пресе“ изјави дека не верува оти Грција „ќе ги спроведе неопходните реформи“. И генералниот секретар на ЦСУ, Александер Добринт, го критикува курсот на владата околу Грција. „Промена на стратегијата при спасувањето на Грција, вклучително и излегување на Грција од еврозоната, веќе не смее да биде табу“, рече Добринт за денешното издание на „Билт“.

Volker Kauder 2011

Фолкер Каудер

СПД бара канцеларката да каже - доста!

Од редовите на опозицијата пак, дојдоа критики на сметка на министерот за внатрешни работи Ханс-Петер Фридрих. СПД бара од канцеларката Меркел да ја прекине дискусијата. „Не може Грција да се поддржува со 130 милијарди евра за да и‘ се овозможи останување во еврозоната, а истовремено да се прават подготовки за излегување на Грција“, изјави парламентaрниот раководител на СПД Томас Оперман за „Велт“, кој смета дека е „апсолутно неодговорно“ непосредно пред гласањето во парламентот „курсот на владата генерално да се става под знак прашалник“.

Автор: Елизабета Милошевска Фиданоска ард/дв/афп

Редактор: Жана Ацеска