1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

И ќарот и зијанот ќе останат во Охрид

Во Охрид секоја туристичка сезона последниве две децении е послаба од претходната. Проблемот е комплексен, а локалната власт излезот го бара во „широка коалиција“ со сите субјекти во туризмот.

„Пред секоја летна сезона во медиумите години на ред осамнуваат наслови: „Во Охрид водата е загадена“, „Се излеваат фекалии во Езерото“ наводно имало змии и бомби во него, па градот бил најскап и куп други лаги,“ со доза на лутина велат дел од приватните станоиздавачи со кои контактиравме. „Сега има гости, но најчесто и најдолго остануваат по три дена.“

Приватното сместување во јули доживеа тотално фијаско. Во хотелите сликата е попозитивна благодарение на субвенционираните гости од Бенелукс во кои предничат Холанѓаните. Општо гледано странските туристи и во првата половина од оваа година се побројни од домашните. Локалната статистика ги обработи податоците за ноќевањата во периодот јануари – јуни добиени од Општинскиот инспекторат. Во Охрид во овој период се остварени вкупно 146.535 ноќевања од кои дури 98.192 отпаѓаат на странските гости.Во истиот период лани во сместувачките капацитети се остварени вкупно 128.351 ноќевања.

На крајот од годината статистиката ќе каже каква сезона му се случува на Охрид

Градоначалникот Никола Бакрачески е за брзо менување на стратегијата во туризмот која ќе биде во корист на сите во градот. Но не избрзува со заклучоци во однос на туризмот, ќе ги чека релевантните статистички податоци, но вели:

Hafen von Ohrid in Mazedonien

Лошото време виновно за лошата сезона?

„Она што сега го имаме како податок е дека во првите шест месеци од годинава за 29 проценти имаме поголема наплата на туристичката такса и од хотелите и од малите сместувачки капацитети во однос на 2012 година. Повозрасните граѓани на Охрид не паметат дека во некои од претходните години имало студено време, како што беше до пред десетина дена. Тоа е факт. Се надевам времето ќе не послужи до крајот на сезоната и сметам дека бројките во поглед на ноќевањата и вкупниот број туристи ќе се исти, ако не и подобри од минатите години.“

Нестабилното време во јуни и јули е едно од оправаданијата кои се слушаат во Охрид како одговор за слабата туристичка сезона. Сепак, причините се далеку посуштински и време е за нив да се разговара отворено, сметаат хотелиерите, угостителите и експертите. Многу прашања да добијат одговор, како на пример: Зошто домашните гости го одбегнуваат Охрид?

Без автопат и придружна инфраструктура турзмот во Охрид е без иднина

Лошата патна инфраструктура од и до Охрид го кочи развојот на туризмот смета Бранко Азески претседател на Стопанската комора и член на охридскиот економски Совет: „На Охрид потребен му е автопат, макар и да се гради во фази. Ние уште не сакаме да ја признаеме конкурентноста што настана во соседните земји, Албанија, Бугарија, Грција. Кога тоа ќе го признаеме ќе ја разрешиме целата ситуација. Убавина што ја има Охрид треба да ја видат сите, а ќе ја видат ако можат брзо да дојдат овде. Тоа ќе ја подобри конкурентноста, ќе ги снижи цените и ќе донесе поголеми профити.“

Subrata Roj

Поделени ставовите околу индискиот инвеститор Субарта Рој

Владата континуирано најавува изградба на автопат до Охрид. Деновиве министерот за транспрот и врски Миле Јанакиески призна дека се’ уште се во потрага по инвеститори. Никако да тргне изградба на елитни хотели за високо буџетни гости во Охрид. Поделени се мислењата околу најавите за изградба на туристички комплекс во Свети Наум од страна на Индиецот Субрата Рој. И да биде нешто од тоа, велат скептиците ќе треба време, а што дотогаш?

Охрид не е скап – на профитерите треба да им се каже СТОП

Наводно вискоките цени за ноќевање и вонпансионски цени ги одвраќат гостите од Охрид. Димитри Пендов од еснафот на угостители смета дека: „Охрид има цени за сечиј џеб, а за лошиот впечаток виновни се поединци кои преку ноќ сакаат да се збогатат. Тие работат на штета на туристите и имиџот на градот.“ Со години се слушаат повици од сите страни локалната власт да преземе мерки и да го среди хаосот со несносливата бучава до доцна во ноќта, непочитувањето на концесионерите со слободниот простор без лежалки на плажите, цените на такси превозот и ред други нешта кои му штетат на туризмот во Охрид. Туристите саакат љубезни домаќини, а охриѓани често паѓаат и на тој тест. И после се', и ќарот и зијанот ќе останат во Охрид. Новото лице на туризмот во Охрид нема да дојде, само и преку ноќ. Потребна е нова и агресивна маркетинг стратегија, ефтини аранжмани, алтернативна и атрактивна културна, спортска и забавна понуда. Но и луѓе кои знаат што сакаат и како да дојдат до саканата цел. Охрид го има и едното и другото. Време е за „широка коалиција кога е во прашање туризмот“, за утре да не е предоцна.