1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

И хрватските мински полиња влегуваат во ЕУ

Хрватска со влегувањето во ЕУ ќе внесе и 683 квадратни километри мински сомнително подрачје. Според конвенцијата од Отава, проблемот би требало да биде решен до 2019-та. Време малку, а проблеми повеќе од кога било досега

Според официјалните податоци, дури 12 од 21 хрватска жупанија се загадени со мини. Тоа е последица на војната во 1990-тите, која зад себе остави дури 90 илјади мини, расфрлани без план. Последиците на војната поради тоа директно и денес ги чувствуваат 96 градови и општини. Бројот на загинати од 1998 година до денес е над 500 лица.

Многу работи се нејасни

Иако многумина би рекле дека постапката на деминирање е премногу бавна, од хрватската Канцеларија за деминирање, основана минатата 2012. година, порачуваат дека Хрватска има светски резултати и дека знаењето и технологијата во тоа подрачје се барани глобално. Но ситуацијата е далеку од идеална, почнувајќи од неусогласените податоци за површините на кои има мини.

Minenräumung in Kroatien

Дијана Плештина, директорка на Канцеларијата за деминирање

Директорката на Канцеларијата за деминирање Дијана Плештина за ДВ вели дека проценките и методите на пресметување се менувале од времето кога се тврдело дека во Хрватска под мини има дури 14.500 квадратни километри. „Мислам дека реалната состојба на почетокот беше околу 2.500 квадратни километри, а Хрватска оттогаш во деминирање вложи повеќе од 3,8 милијарди куни.“ За да се заврши работата треба да се обезбедат уште 4 милијарди куни (повеќе од 500 милиони евра). Притоа, Хрватска е исклучок во светот, затоа што најголем дел од средствата за деминирање, околу 60 проценти, доаѓа од буџетот.

Премногу овластувања

Канцеларијата за деминирање, освен што предупредува на опасноста од мини, ја следи и работата на Хрватскиот центар за деминирање (ХЦР), државна установа која се занимава со низа дејности. Задачите на центарот почнуваат од првото детектирање на мински сомнително подрачје, преку распишување конкурс и избор на фирми кои ќе извршат деминирање, до конечно издавање сертификат кој гарантира дека теренот е исчистен од мини. Директорката Плшетина гледа неколку нелогичности во делот на работата на ХЦР, од кои најголема е онаа дека се работи за установа која се‘ работи сама и притоа самата себеси се надзира. ХЦР е основач на претпријатието „Мунгос деминирање“, кое, како што се жалат приватните фирми, има повластена положба при добивањето на работата.

Minenräumung in Kroatien

Стјепан Тадиќ и Томислав Ледиќ: Никогаш не знаете дали последен пат се гледате со семејството

Пазарниот натпревар, очекувано, ја урива цената на деминирање и условите за работа на пиротехничарите. Според податоците на Канцеларијата, деминирање на квадратен метар во Хрватска чини од 3,5 до 9 куни. „Уште пред 10 години барав да се утврди долен праг на цената на деминирање“, објаснува директорката Плештина. Ниските цени, како што нагласува таа, освен што им штетат на притохеничарите, стануваат и алат за елиминација на конкуренцијата на пазарот.

Пиротехничарите Стјепан Тадиќ и Томислав Ледиќ работат во приватни фирми за деминирање. Тие се и синдикално активни. „Нашето работно време е пет часа дневно. Тоа е исклучиво теренска работа. Работиме главно долж линиите на разграничување на кои што се војувало“, вели Тадиќ.

Според статистиката од минатата година, вели Ледиќ, поголемиот дел од приотехничарите прима плата меѓу 5,5 и 6,5 илјади куни. „Секој нека процени дали е тоа доволно за таква работа“, додава тој. Пиротехничарите тврдат дека никогаш не било полошо. „За фирмата да добие работа мора да понуди цена пониска од онаа којашто би обезбедила правилно работење и безбедност на пиротехничарите. Можат да бираат - да бидат без работа или да одат под безбедната цена“, вели Ледиќ.

Со такви цени работодавачите свесно влегуваат во кредити за да исплатат плати, но ниту тоа не може да трае вечно. „Доцнењето на платите директно влијае врз извршувањето на нашата работа. Кога примањата доцнат неколку месеци, некаде во потсвеста се прашувате дали семејството ќе има што да јаде и дали ќе можете да ги платите сметките. А ние мора да бидеме концентрирани исклучиво на она што го работиме“, нагласува Тадиќ. Колку е одговорна работата зборува и податокот дека секој приотехничар за теренот што го исчистил од мини одговора кривично десет години.

Symbolbild Minen Landminen Minenräumung

Хрватскиот центар за деминирање има премногу задачи во своја надлежност

Иако не постојат точни податоци, се проценува дека на минските полиња животите ги загубиле околу 60 пиротехничари, а бројот на ранети е 204, при што многумина се инвалиди, вели Тадиќ. Синдикалците се задоволни со фактот дека државата во такви ситуации покажува грижа. Приотехничар кој настрадал на работа ги има сите права како да настрадал во војна, има статус на воен инвалид и обезбедена пензија. Ако се случи најлошото, семејствто ги стекнува сите права како да загинал во војна. Државата за приотехничарите има обезбедено и бенефициран стаж, што значи на една година работен стаж им се додава уште половина година.

Но што кога Хрватска ќе биде исчистена од мини? Помладите пиротехничари ќе мора да се преквалификуваат. Поголемиот дел од старите пак, со оглед на тоа што учествувале во војната, имаат услови за пензија. „Нема веќе да бидеме во состојба да работиме. По 10 година војска и 15 години деминирање нема да бидеме за некоја работа“, заклучуваат Тадиќ и Ледиќ и додаваат дека работите сепак ќе мора да се променат ако Хрватска навистина сака до 2019 година да биде земја без мини.