1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

И „ТУВ“ ќе плаќа за фаличните француски импланти

Германската фирма за контрола на квалитетот „ТУВ“ е прогласена за виновна во случајот со фаличните импланти на француската компанија „ПИП“. Суд во Франција пресуди дека „ТУВ“ не си ја извршил задачата.

Француски суд пресуди дека германската компанија задолжена за контрола на квалитетот „ТУВ“ е виновна заради тоа што не открила оти градните импланти на фирмата „ПИП“ биле дефектни и ја задолжи да им исплати компензација на жртвите.

Судот во јужниот француски град Тулон пресуди дека „ТУВ“ не ги исполнила своите „должности за проверка и будност“, со тоа што им издала сертификати за квалитет на имплантите на францускиот производител „ПИП“, а подоцна било откриено дека истите биле произведувани со субстандарден, индустриски силиконски гел. Судот и нареди на фирмата да им исплати компензација на дистрибутерите на имплантите, како и на жените кај кои биле вметнати фаличните импланти.

Вкупно шест дистрибуциски компании од Бугарија, Бразил, Италија, Сирија, Мексико и Романија го тужеа ТУВ и бараа отштета од 28 милиони евра. Кон тужбата се приклучија и околу 1.600 жртви на кои им биле вградени импланти. Покрај овој случај кој се водеше во граѓанска постапка, отворена е и кривична постапка против сопственикот на „ПИП“ Жан Клод Мас и четворица негови соработници.

Судот му нареди на „ТУВ“ да им исплати по 3.000 евра отштета поединечно на сите тужителки, но засега е нејасно дали германската фирма ќе треба да ја исплати и целата сума која ја бараа дистрибутерите како тужители.

Се проценува дека околу 300 илјади жени во 65 земји во светот вградиле фалични импланти. По откривањето на скандалот, околу 16 илјади од нив извршиле операции за отстранување на имплантите.

Од „ТУВ“ најавија жалба на пресудата. Во компанијата велат дека не е нивна задача да откриваат „намерни измами“, туку случајни грешки во производството. Адвокатите на „ТУВ“ велат дека задачата на фирмата воопшто не е да ги проверува имплантите, туку производствениот процес, наспроти тужбата во која се наведува дека од „ТУВ“ воопшто не ги контролирале имплантите, но дале мислење за нивниот квалитет.