1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

И по Венизелос - за Македонија ништо ново до наесен!

Посетата на Венизелос на Скопје, политички Берлин не ја регистрира.Јасно е дека доближување на Македонија до Унијата може да се очекува на есен - по изборите во ЕУ и по евентуалните предвремени парламентарни во земјата

Обиколката на шефот на грчката дипломатија Евангелос Венизелос на Балканот и конкретно на Македонија, вчера и денес не е никаква тема во политички Берлин. Парламентарците кои се занимаваат со Западниот Балкан и Македонија, целосно се преокупирани со внатрешно-политичкиот скандал кој ја разниша коалицијата и настанот на месецот за регионот не сакаат да го коментираат. Оф рекорд, меѓутоа, неколкумина познавачи на приликите за ДВ јасно и гласно подвлекоа „Ситуацијата не е сменета. Грција е во Унијата и НАТО, а Македонија не е! Грција сега, како претседавач со Европскиот совет, ги влече конците. Атина во овој момент нема интерес да го отвори евро-атлантскиот пат на Македонија“. Со други зборови кажано од ветувањата за европските и НАТО перспективи за Македонија, до нивното вистинско исполнување - ќе „протече уште многу вода низ Вардар “!

Европски задачи

„Тоа што Венизелос доаѓа во Скопје е врзано со гчкото претседателство со Европскиот совет. Вака е зашто во втор план се прашањата кои ја раздвижуваат националната политика, како на пример спорот околу името со Македонија. Ова значи дека Венизелос во Скопје ќе се концентрира на приоритетите на Европската унија, а малку ќе се наврати на релациите со соседите и конкретно со Македонија“, коментира за ДВ професор Хајнц-Јирген Акст, експерт за Балканот од Универзитетот Дуизбур-Есен. Тој потврдува дека во наредниве месеци до 25 мај, целокупното внимание на јавноста во ЕУ, а и во Германија ќе биде сконцентрирано кон изборите за европските институции, па поради тоа темите како проширувањето - ќе бидат целосно потиснати.
„Згора на ова, се’ покритички се гледа на проширувањето! Особено се перцепира сомнителниот развој, односот кон малцинствата и состојбите со правната држава. Мој впечаток е дека Европската унија во последно време стана многу покритична и кон Македонија. Подетално следи што се’ таму се случува. Поради тоа сметам дека во овој момент перспективите за членство не се подобрени од порано“, дополнува професор Акст. Неделава во јавноста

Leipziger Buchmesse Panel Endstation Kroatien? Heinz-Jürgen Axt

ЕУ стана покритична кон Македонија. Хајнц-Јирген Акст

протекоа информации дека грчката страна во решавањето на спорот околу името со Македонија ќе побара посредство на Србија. Го прашуваме професор Акст: колку ова е реално?
„Ова не ме изненадува зашто односите меѓу Грција и Србија во минатото, а и во екот на војната во поранешна Југославија беа многу блиски. Од оваа гледна точка Венизелос можеби гледа смисла во решавањето на ова прашање да го инволвира и Белград. Но, јас лично, сметам дека со оглед на европските аспирации, доколку Србија посредува, себеси нема да си направи услуга.Зашто ако премногу ги поддржува и се ориентира кон желбите на Атина, сметам дека ќе си навлече поголеми тешкотии во односите со Брисел, споредено на пример со ситуација кога би била независна и неутрална“, вели Акст. Го прашуваме: што е со Германија? Не може ли таа да го преземе посредништвото за решавање на македонско-грчкиот спор околу името?
„Германија, за жал, се држи многу повлечено. Добро се прилагодила на статус-кво позицијата и не припаѓа на државите кои навистина го форсираат решението“, коментира професор Хајнц-Јирген Акст кој е категоричен дека доколку постојано на земјите од Западниот Балкан им се ветуваат европските перспективи, а не се оддржува моментот на проширувањето, тогаш напразно ќе биде испукана „политичката муниција“ - очекуваните реформи ќе се развлечат и нема да го имаат ефектот што се очекува.

Централно внимание на изборите!

Еден од соговорниците на ДВ од пратеничката група на ЦДУ-ЦСУ кој инсистира да остане анонимен вели дека во наредниве месеци, сигурно до есеноска,

Mazedonischer Außenminister Nikola Poposki in Berlin

По ланските априлски разговори во германското МНР, Никола Попоски во март ќе има прва средба со Франк-Валтер Штајнмајер

своевидната блокада на стартот на пристапните преговори на Македонија со ЕУ не ќе биде само спорот со името, туку и редица други случувања. Пред изборите за европските институции има малку шанси да се постигне било какво раздвижување во пристапниот процес. Важно е каков ќе биде исходот и каква констелација на силите ќе има по 25 мај во Европскиот Парламент. Директно од распоредот на политичките сили ќе зависи и составот на Европската комисија, нејзиниот прв човек, но и кому ќе му биде доверена функцијата ‘еврокомесар за проширување’.
Исто толку значајно е и - што ќе се случува во Македонија? Ќе има ли предвремени парламентарни избори? Кој ќе ја освои власта? Каква ќе биде поделбата на пратеничките места меѓу македонскиот и албанскиот политички блок, од која во многу нешта ќе биде фунгирана и стабилноста на државата. Во секој случај, како вели изворот на Дојче веле, Германија нема интерес да го условува или блокира стартот на пристапните преговори на Македонија со ЕУ. Дали може, пак, да помогне процесот да се деблокира - изостана јасно политичко толкување.

Сигурно е меѓутоа дека оваа тема – поддршката на Германија за Македонија во решавањето на деценискиот спор околу името ќе биде една од централните во разговорите кои на 12. март во Берлин ќе ги има шефот на дипломатијата Никола Попоски. Тој лани на 24. април имаше разговори во Берлин со тогашниот шеф на германската дипломатија Гидо Вестервеле. Според информации на ДВ Попоски ќе има повеќе средби со парламентарци од Бундестагот, но повторно централна ќе биде онаа со неговиот ресорен колега, новиот сојузен германски министер за надворешни Франк-Валтер Штајнмајер.

Поврзана содржина