1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

И покрај разликите делат заедничка судбина

На 14, односно 15 август, Индија и Пакистан станаа независни држави. Двете земји се развиваат според спротивно различни филозофии. И покрај сите разлики Индија и Пакистан делат заедничка судбина, коментира Томас Бартлен.

default

60 години од независноста на Индија и Пакистан

Индија и Пакистан во меѓусебниот однос секогаш се концентрираат на она во што се разликуваат, така што и на набљудувачите - сега на 60 годишнината од независноста - им се наметнува потребата посебно да ги потенцираат разликите.

Сликата на овие две земји во меѓународните медиуми не може да биде поспротивствена: додека Индија која со децении важеше за симбол на сиромаштија, а од пред некое време е пример за земја во развој, за Пакистан е резервирана друга улога – земјата е лулка на милитантниот исламизам.

Во реалноста, покрај сите разлики меѓу Индија и Пакистан има и многу заеднички работи. На пример, двете бележат силен стопански подем, јакнење на цивилното општество и демократските институции.

Пакистан го следи примерот на Индија кога станува збор за развојот на приватните медиуми, пред се телевизиските, кои и покрај комерцијализацијата придонесоа кон демократизација на земјата. Тука спаѓа и се понезависно судство, кое слично како во Индија, активно ги компензира демократските дефицити на другите институции. Индија има постабилна демократија, благодарејќи на угледните институции, како на пример многу силната и независна изборна комисија. Додуша, минатата недела покажа дека човек ниту во Пакистан веќе не може да воведе вонредна ситуација – претседателот Первез Мушараф, по силните протести, мораше неговиот очигледно подготвен план да си го врати во фиока. Шансите за вистински слободни избори во земјата наесен стојат подобро од било кога.

И проблемите и предизвиците со кои се соочуваат двете земји се слични. Пред се тоа се социјалните прашања, кои во јужна Азија ниту по 60 години независност, не се решени. Во стопанскиот бум сиромаштијата на пошироките народни маси уште повеќе паѓа в очи. Во некои области, Индија можеби е отидена чекор понапред, на пример кога се работи за описменување на жените или реформите во селските средини. Но, срамота е тоа што и покрај стопанскиот пораст мнозинството од населението живее веднаш над долната граница на сиромаштијата.

Двете земји во последниве години стекнаа богато искуство со религиозната нетолеранција и популистичка мешавина од религија и политика. Додека Индија ја водеше хиндуистичка, во провинцијата Гуџарат се случи погром на муслиманското малцинство, во Пакистан популистите ја мобилизираа масата против западниот свет, а војската и тајните служби тесно соработуваат со милитантните исламисти. За среќа се чини дека во двете земји, на мнозинството и естаблишментот им е преку глава од овој вид на политика – барем за сега.

Во меѓувреме на многумина им е јасно дека Пакистан и Индија ги поврзува иста судбина – ниту една од двете земји не може вистински да оди напред, ако другата не оди покрај неа. Токму затоа нуклеарно вооружените соседи се тесно меѓусебно се испреплетени преку кашмирскиот конфликт. Послените години беа време на претпазливо олабавување на тензиите. Но, се уште трошат доволно енергија во трката за вооружување. Се уште не може да стане збор за конструктивна соработка.

Ни годинава немаше договор за заедничка прослава на независноста. Граѓанските иницијативи, заеднички да се слави на меѓудржавната граница, успешно беа спречени од бирократите. Можеби ваквите планови ќе им успеат на седумдесет годишнината.