1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

И падот на медиумите ќе се смета за „лет“

Oграничените извори на информации, нетранспарентностa, концентрацијата на медиумската сопственост и притисоците врз новинарите, го платија данокот на медиумската слобода, оценуваат новинари и експерти.

Падот на Македонија за 22 места според индексот на слободата на медиумите, констатиран во извештајот на меѓународната организација „Репортери без граници", не е изненадување за македонската јавност, особено не за медиумската.

„Македонија со сегашното 116 место не падна само 22, туку за 84 места, ако се има предвид дека во 2009 година бевме на 34 место", потсетува Жарко Трајаноски. Според него, во овој пад не е вклучено и насилното протерување на новинарите од собраниската седница на 24 декември 2012 година.

„Ако беше вклучено и тоа, во извештајот немаше да стане збор само за собраниско подготвување на „легализирање на цензурата", туку за собраниско-полициска цензура. Падот на медиумската слобода е показател за тиранијата на владината пропаганда, која се чувствува и денес преку обидите да се забошоти или да се цензурира веста дека Македонија е на дното на Европа според медиумските слободи. Кога новинарите ќе стивнат, тогаш политичките Ханибал лектори одлучуваат која телевизија ќе биде затворена, кој весник згаснат и кој „непријател" ќе биде спружен на насловните страници. До кога ќе паѓаме? Се додека вистинските новинари не тргнат во отворена битка за слобода", вели Трајаноски.

Огледало за демократијата

Претседателот на ЗНМ, Насер Селмани, укажува дека состојбата повеќе не може да се крпи со импровизации, туку само со радикални мерки.

„Ако им е важна демократијата, политичарите мора веднаш да ги тргнат рацете од медиумите, медиумските сопственици да се откажат од бакалската рејтинг-логика, а новинарите да се одлучат дали ќе се однесуваат како новинари или како бизнисмени и политичари", вели Селмани.

И Билјана Петковска, директорка на Македонскиот институт за медиуми, смета дека крајно време е власта да преземе суштински чекори кон надминување на состојбите, а не со своите постапки, како на пример, со оние на 24 декември, дополнително да придонесува за влошување на медиумските слободи. 

„Рангирањето покажува дека Македонија не само што е најлоша во регионот, туку е на самото дно во демократскиот дел на Европа, таму каде што се стремиме да се приклучиме. Ниту една реклама што ја плаќа државата по светските медиуми нема да го покрие тој факт. Овие исклучително лоши показатели за степенот на медиумските слободи имаат повеќекратни негативни ефекти врз угледот на државата и на нејзините граѓани, бидејќи слободата на медиумите е огледало и за степенот на демократијата, слободите на граѓаните и нивното право на пристап до информации т.е. до вистината", констатира  Петковска.

Медиуми по желба на Владата

Воопшто не сум изненаден од ваквиот "резултат", вели Сашо Ордановски, новинар, поранешен директор на МРТВ и еден од авторите на Студијата за развојот на сопственичката структура на медиумите во Македонија, „Заробена демократија" .

Logo Reporter Ohne Grenzen französisch

„Состојбата во медиумите се влошува од година во година во мандатот на оваа власт, со ограничување на изворите на информации, нетранспарентност во владеењето, концентрација на медиумската сопственост и со судските и други притисоци врз новинарите. Власта бара да има медиуми какви што таа посакува, а не какви што заслужува", оценува Орданоски.

Ерол Ризаов, уредник коментатор во „Утрински весник", очекува Владата колективно да излезе пред јавноста и да објасни зошто македонското новинарство и демократија потонаа меѓу африканските земји со диктаторски системи.

„Се фалат само со бизнис-климата. Но, не научија дека без демократија нема вистински напредок", вели Ризаов.

Извештајот на „Репортери без граници" е проследен со комплетен молк од Владата. Нејзините претставници и гласноговорници се „зафатени" со други обврски и немаат време да го коментираат извештајот, па меѓу новинарите веќе се разменуваат прогнози како овој пад на медиумската слобода ќе биде претставен како уште „еден успех" - преку толкувањето дека и падот може да се смета за лет.

Поврзана содржина