1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

И натпревари на хендикепирани лица можат да предизвикаат масовно воодушевување

Јавност и признание за ментално хендикепираните – за тоа станува збор на светското фудбалско првенство, што е во тек во Германија

Родел Шмиц постигнува гол против Јапонија

Родел Шмиц постигнува гол против Јапонија

Дресови на германската репрезентација, знамиња, црно-црвено-златна шминка на лицата – атмосфера позната од светското фудбалско првенство. Но, тоа помина. Грешка. И атмосферата е тука и светското првенство е во тек - но првенство за ментално хендикепирани лица. Учествуваат 16 репрезентации, 41 град се домаќини на натпреварите, а финалето е на 16-ти септември во Леверкузен.

Група ученици се возбудени, пеат, мавтаат со знамињата, учителката има проблеми да ги одржи на куп. „Никогаш досега е сум бил на стадион“. „Кога ќе дојде германската химна ќе станеме“. „Јапонците денеска треба да загубат“.

Германија и Јапонија го отворија светското првенство за ментално хендикепирани, на кое смеат да играат само лица со утврден коефициент на интелигенција под 75. Тоа се одржува по четврти пат, но за прв пат во толку големи рамки. На отворањето имаше 22 илјади посетители. „Како играат сите! Тие се исто толку добри како и оние славните. Многу добро, играат многу добро, дадоа убави голови. Супер, навистина“ – воодушевен е 18-годишниот Каи.

Германците победија со 3 спрема 0 и покажаа дека и натпревари на хендикепирани лица можат да предизвикаат масовно воодушевување. Играчите беа возбудени токму поради големиот број гледачи, и капитенот Гидо Скорна исто така: „Имав страшни болки во стомакот и бев многу нервозен. За нас ова е всушност кулминација, една сосем нова ситуација – спорт на хендикепирани со толку многу публика. Вакво нешто досега немало и ова за нас беше извонредно чувство. За нас е непознато ова на што професионалците се навикнати“.

И покрај победата, има место за подобрување во играта, но други работи се поважни, вели тренерот Вили Броер: „Ние сме задоволни од ова што го доживеавме. Атмосферата, стадионот, се’ заедно беше доживување за себе. Ние мораме да учиме. Подготвени сме и не би сакале да играме пред малку гледачи“. Јавност и признание за хендикепираните – за тоа станува збор на ова светско првенство.

Во Велика Британија и Холандија селекциите на хендикепираните се директно врзани за националните репрезентации. Германскиот фудбалски сојуз мора повеќе да се потруди, за селекцијата на ментално хендикепираните да биде конкурентна на врвните екипи, како англиската, укажува познатиот тренер Кристоф Даум, кој овде му е асистент на Вили Броер. Тој не гледа премногу разлика во однос на работата во професионалниот фудбал: „Разликите можеби се во тоа, што еден или друг постојано мора да го опоменеш да се концентрира. Но, кому не мораме да му го кажеме тоа и во професионалниот фудбал?“