1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

И натаму молк во Атина за писмото на Груевски

Како што јавува македонската новинска агенција МИА, кабинетот на грчкиот премиер Андонис Самарас се' уште молчи за писмото што му го испрати македонскиот премиер Никола Груевски.

Дописникот на МИА од Атина јавува дека уште во минатата седмица е побарано од портпаролот на грчката Влада Симос Кедикоглу да даде некаков комeнтар, или одговор на некој од предлозите на Груевски и оти до денеска (09.07.) од таму нема ниту збор.

„За жал се' уште нема никаков одговор од кабинетот на Кедикоглу“, гласи последниот одговор добиен во врска со тоа дали Самарас ќе одговори на писмото и дали неговиот портпарол планира да даде некаков коментар.

Во меѓувреме, сите грчки медиуми денеска ја пренесоа изјавата на македонскиот премиер Никола Груевски во Вилнус за блокадата од страна на Грција врз евроатлантските интеграции на Македонија.

Според весникот „Етнос“, македонскиот премиер „продолжува со комуникациските игри“ со што отворено го брани молкот на официјална Атина за писмото. Според дипломатски извори на кои се повикуваат некои од медиумите, писмото уште од минатата недела е во грчкото Министерство за надворешни работи каде интензивно се разгледува.