1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

И натаму без решение за проблемот со името меѓу Македонија и Грција

По дводневните разговори во Њујорк со амбасадорите Никола Димитров и Адемантиос Василакис, посредникот Метју Нимиц призна дека разликите меѓу двете земји се преголеми за да се дојде до компромис.

default

Дводневните преговори во седиштето на ОН уште еднаш ги потенцираа разликите

Во наредните недели постои можност да се свика уште една, нова средба која би била последна надеж за постигнување договор пред Самитот на НАТО во Букурешт.

Нимиц вчера предупреди дека недостатокот на компромис меѓу двете земји може да ја загрози стабилноста на Балканот

„За мене ова е значаен проблем. Верувам дека и двете страни се свесни дека ќе имаат огромна корист доколку изнајдат решение. Но договор не беше постигнат, така што решивме двете страни да заминат дома и да размислуваат некое време и потоа повторно да се сретнеме, да комуницираат со мене. Не одредивме датум за тој состанок, но двете страни сакаат да продолжат со процесот.“ изјави Нимиц.

Нимиц без нов предлог

На вчерашната рунда разговори Нимиц не излегол со нов предлог, а двете страни тврдо опстојувале на веќе утврдените позиции. Грција инсистирала на име за Македонија кое би содржело географска одредница, а македонската страна го бранела ставот за двојната формула, уставното име за светот и договор со Грција за име кое Атина билатерално би го употребувала.

Состанокот донел и неколку позитивни сигнали. Двете страни се согласиле дека ниту едната ниту другата земја немаат територијални претензии кон соседот, а немало несогласувања ниту околу идентитетот на двата народи и потребата од добрососедство.

Клучната разлика останува

Но клучната разлика во ставовите останува, а тоа е, како што објасни по состанокот амбасадорот Димитров, фактот дека Македонија не може да прифати промена на името и да си поигрува со сопствениот идентитет поради притисокот на Грција во пресрет на самитот на НАТО.

„НАТО е колективен систем што значи слобода и демократија, и ние не можеме да не бидеме слободни да се викаме така како што сакаме да се викаме и тоа да биде цената што треба да ја платиме за да влеземе во таква алијанса.“ изјави Димитров.

За в четврток е закажан состанокот на министрите за надворешни работи на земјите членки на Алијансата на кој треба да се донесе одлука за поканите кои ќе се испратат до кандидатите Хрватска, Македонија и Албанија. Генералниот секретар на Алијансата, Јап Де хоп Шефер од Вашингтон порача дека билетите се уште не се доделени. Утре Шефер ќе има средби и со грчкото раководство во Атина, по што многу нешта околу најавите за грчко вето на приемот на Македонија ќе бидат појасни.

DW.COM