1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

И зад хоризонтот има хоризонт

Велики петок и Велигден според христијанското сфаќање се настани од универзално значење за луѓето. Од нив заедно, како најважен празник на христијанството, можат да произлезе многу надеж.

Најголемите празници на христијанските цркви се ориентираат според животот на човекот, врз кого почива нивната религија - Исус Христос. Најомилен празник на Германците е Божик, празникот на Христовото раѓање, кога се слави радосен настан, а целокупната празнична атмосфера предизвикува многу позитивни емоции.

Колку и да е важно раѓањето на Исус, богочовекот, уште поважни се Велики петок и Велигден. Велипеток е спомен-ден на неговото страдање и смрт, а Велигденот празник на неговто воскреснување од мртвите. Целата недела, почнувајќи од Цветници, односно Христовото влегување во Ерусалим, преку Велики четврток, Велипеток, Веласабота, заклучно со Велигден, е најважната во календарот на црковната година. Во неа на посебен начин се потсетува на страдањата и смртта на Исус. Затоа, на денот на неговата смрт - Велипеток, размислата е под белегот на тагата и покајанието.

Поврзаноста на смртта и воскреснувањето, но и раѓањето

Prozession in El Salvador: Jesus am Kreuz, Karfreitag

Процесија за Велики петок во Ел Салвадор

Порано Велики петок бил најважен празник на евангелистичките христијани. Во меѓувреме христијанските конфесии се во голема мера согласни дека смртта на Христос како замена за гревовите на луѓето е нераздвојно поврзана со Велигденот, денот на неговото воскреснување, односно дека Велипеток, Веласабота и Велигден сочинуваат единство со различни аспекти. „Ако се слави само Велики петок, тогаш тоа е смртно тажен настан, и, така да се каже, простување од еден губитник. Затоа морам да мислам и на Велигден, оти инаку не сум му оддал на вистински начин почит ни на Велипеток. Затоа, тие се непосредно поврзани“, вели теологот Улрих Лике. Велики петок ја документира крајната консеквенција од инкарнацијата - појавувањето на богочовекот, Господ во човеков лик. Но, католичкиот теолог Лике истакнува и дека сепак не смее да се испушти ни Божик од пред очи: „Она, што започнува на Божик - Господ од почеток како човек и меѓу луѓето, а завршува на Велипеток - Господ до крајот меѓу луѓето, е меѓусебно поврзано“.

Интриги, клеветење, процес

Тоа што се случи на првиот Велики петок, започна уште претходната вечер. Исус вечерал со своите 12 најблиски следбеници - последен пат како заедница и со пророчки зборови на учителот. Веднаш потоа уследиле предавство и апсење.

Weltsymbole Flash-Galerie

На Велипеток Исус бил соочен со два процеса - еден од врховната еврејска религиозна власт, која од теолошки причини сакала да го отстрани, а другиот од римските владетели. „Тоа била препредена соигра“, вели Лике, оти Евреите не биле господари во сопствената земја, туку Римјаните. „Тие одредиле дека само тие можат да донесат и извршат смртна пресуда. На Римјаните всушност им било се’ едно дали некој таму тврдел дека е син Господов. Нив ги интересирало само дека во земјата е мирно“. Поради таа причина еврејскиот религиозен горен слој го денунцирал Исус како кандидат за крал, како бунтовник и борец за ослободување. „Римскиот гувернер Пилат потоа му направил краток процес. Според се’ што знаеме за процесот, тој не нашол многу факти против Исус, но сепак, под притисок на толпата, го осудил на смрт. Смрт со распнување на крст - еден од најбруталните начини на егзекуција во антиката. Честопати борбата на делинквентот со смртта траела повеќе денови.

Необични нешта

Веројатно само малкумина од сведоците на распнувањето на Исус насетувале дека таму умира некој, кој е од посебно значење. „Теолошките дефиниции дека Исус според своето битие бил вистински Господ и истовремено вистински човек, се поими кои дури потоа се развиле теолошки и филозофски“, вели Теодор Улрих Лике, професор по систематска теологија на Техничката висока школа во Ахен.

Prof. Dr. Ulrich Lüke Wort zum Sonntag

Проф. д-р Улрик Лике

Но, во Новиот завет од Библијата се вели дека во моментот на смртта на Исус сонцето се помрачило, земјата се тресела и се случиле други необјасниви нешта. Импресивно за Улрих Лике е дека „Исус ја изживеал крајната консеквенција од битисувањето како човек се’ до бруталната смрт. Тоа е идејата за инкарнација - дека Господ од почетокот до крајот е кај луѓето. Оти, каква би била таа форма на солидарност со човечката конечност, слабост и трошност, ако тој, така да се каже, уште претходно би се побегнал?“

По него останала мала, потресена, тажна и уплашена група од неговите следбеници, која пред очи го имала крајот на сите нејзини надежи и сништа.

Крајот е само еден премин

Она што ние денес го нарекуваме Велигден, за приврзениците на Исус бил ден на изненадување. Изутрината на третиот ден по распнувањето, гробот во кој бил положен мртвиот Исус, бил празен. Сведоци го сретнале воскреснатиот. „И тоа и такви сведоци, кои воопшто ни не помислувале на тоа, дека тој би можел да воскресне“, вели Улрих Лике. Така, Марија од Магдала, која прва го пронашла празниот гроб, шокирана верувала дека посмртните останки биле украдени. Таа дури била толку заслепена од солзите, што воопшто не го ни препознала Исус, кога се сретнале. Прво морал тој да и’ се обрати и дури потоа ги кренала очите. Велигденските сведоци, значи, во никој случај не дошле на гробишта со алелуја, оти знаеле дека Исус сега стои над се’ како херој“. Дури реалната (физичката) средба со воскреснатиот од мртвите, ги убедила првите христијани дека тој вистински живее.

Перспектива се’ до денес

Weltkugel

Зад хоризонтот бескрајност

За христијаните случувањата од Велипеток и Велигден се поврзани со чувството на надеж. Улрих Лике, кој како професор по теологија и биолог е стручњак и за односот меѓу природната наука и верата, тоа вака го објаснува: „Тоа отвора нова перспектива“.

На безбројните страдања на еден човек и на целото човештво, драмите како Аушвиц, Сталинград или масакрот од Ми Лај, им се контрира со христијанската порака за воскреснувањето. Таа гласи: „Овој живот, што ние го познаваме во неговата конечност и материјалност, не е последниот. Таа, значи го отвора хоризонтот, ги прави способни луѓето, што стојат крај некој гроб, да не гледаат само 1,80 метри длабоко, туку преку гробот да погледаат во еден нов хоризонт на животот“. Тоа значи дека Велигден на христијаните им отвора димензија која ги надминува земскиот живот и смртта.

DW.COM