1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

И жените знаат да возат камиони

Возењето на камиони со приколка вообичаено е машка работа. Но, има и жени кои го прават тоа. Впрочем, не е ни лесно да се вози транспортер со приколка и стока, чија тежина понекогаш достигнува и до 40 тони.

Натали Де Кајзер учи необична струка, особено за жени. Таа сака да биде возач на камион и нејзината обука трае веќе две години. Сега за првпат вози камион тежок 40 тони.

„Пред се’ се работи за големината и снагата на едно вакво возило. Се’ е толку големо и причинува големо задоволство да се вози“, вели Натали Де Кајзер.

Таа патува кон Бремен. Жена во транспортниот бизнис, тоа не е многу вообичаено на германските патишта. На секои 100 возачи на камиони отпаѓа една жена. Поради тоа оваа 19 годишна девојка мора секогаш да ги слуша машките досетки: „Често слушам коментари од типот: ’па ти возиш’? На тоа одговорам: ’Не, го буткам!’ или ’Тој самиот си вози’, и потоа тие остануваат без зборови“.

По три часа, пристигнување во Бремен. Тука е следниот предизвик, паркирање. Таа мора, возејќи во рикверц, на точно утврдено место да го паркира 20 метри долгиот камион и приколката.

„Не е едноставно, бидејќи приколката мора да стои така да овозможи без проблеми повторно да се изведе напред. Не сум го правела често тоа и малку е тешко“, објаснува Натали.

По истоварот се оди натаму. Нема пауза.

Во транспортниот бизнис секогаш е присутен притисокот од времето, термините се набиени еден до друг.

Во својата фирма, таа добива нова задача. Нејзиниот шеф е еден од ретките транспортери кој обучува и вработува жени.

„Во секој случај, кај жените може да се цени нивната сигурност. Тие се многу мотивирани да се докажат во машка работа, а тоа дополнително ги мотивира постојано да покажуваат добри резултати“, вели Дариушм Дудек, сопственик на транспортната компанија.

Натали Де Кајзер сега вози сама низ Германија. Подоцна сака да вози низ цела Европа. А за тоа наскоро ќе добие шанса, возењето на долги патеки е во план во третата година од обуката.