1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

И Дојче Веле застапено на 36. Саем на книгата во Каиро

Неделава во Каиро беше отворен 36-иот меѓународен Саем на книги. На најголемиот Саем од овој вид во арапскот свет годинава учествуваат 3.200 издавачи од 95 земји, а меѓу нив на германскиот штанд се наоѓа и Дојче Веле. Ви нудиме извештај за важноста на овој саем за унапредување на "дијалогот меѓу културите".

"Саемот на книги во Каиро е најважниот културен настан во рамките на арапско,исламскиот свет, кој има влијание дури и врз целиот африкански континент" - оценува координаторот за културни прашања во Дојче Веле, Џорџ Кури.

Тој нагласува дека германскиот штанд годинава ќе биде двојно поголем во споредба со оној од минатата, пред се' поради зголемениот инетерес за германската култура во Египет. Пред се' отпорот на Германија заедно со Франција кон војната во Ирак донесе големи симпатии за "старата Европа". Така заедничкиот штанд на Дојче Веле, Франкфуртскиот саем на книгата и на Гете институтот годинава е сместен во централната сала, што гарантира голем број посетители.

"Сметам дека интересот за нашите активности е многу голем, што е делумно традиција, но секако има врска и со зголемувањето на готовноста на дијалог од обете страни по нападите од 11. септември. Секако дека останува прашањето како треба да се одвива дијалогот за да ја постигне посакуваната длабочина во општеството" - вели раководителот на Гете институтот во Каиро, Јоханес Еберт.

Мотото на годинешната саемска манифестација е "Кон научното општество", што е одличен избор со оглед на поплаките на голем број арапски интелектуалци дека бездната на научен план меѓу Западот и Истокот добива драматични размери. Луѓето од источните земји создаваат премалку нови научни сознанија, премалку истражуваат, читаат, преведуваат. Истовремено образованието на сите нивоа е недоволно, а поддршката од државните установи за ова подрачје слаба, оценува Надир Фергани, водечки автор во соодветната студија на ОН.

"Развиените земји денеска не се мерат според нивото на благосостојбата, туку според тоа со колкав процент учествуваат во вкупниот обем на нови научни сознанија, колку го збогатуваат вкупното знаење на човештвото. Така се цементира заостанатоста на помалку развиените земји" - заклучува Фергани.

За да ја одбегнат ваквата судбина арапските земји мораат да вложат огромни напори. Саемот во Киро е секако една од можностите во таа насока, но таа веќе три и пол децении преретко се користи за вистински пробиви.