1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

И Германија дел од американскиот анти ракетен систем?

Најавата на иранскиот претседател дека неговата земја почнува со индустриско збогатување ураниум ја разгоре повторно во Германија дебатата околу американскиот анти ракетен заштитен систем.

Тест на ракета од американскиот систем за анти ракетна заштита

Тест на ракета од американскиот систем за анти ракетна заштита

Политичарите сега не расправаат само околу последиците по односите со Русија доколку во Полска и во Чешка се инсталираат делови од американскиот систем, туку дури и околу тоа дали не треба и Германија да стане “домаќин“ за делови на системот. Нина Веркхојзер прави преглед на реакциите во официјален Берлин.

Интересно е што и противниците и заговорниците на американскиот анти ракетен систем се чувствуваат потврдени во нивните ставови по најновата провокација од Техеран. Оние кои од почетокот беа за американските радари и ракети на европска почва сега дури размислуваат за тоа дали не треба и Германија да се вклучи во тој систем?

“Секако дека и ние спаѓаме во редот членки на НАТО кои се загрозени и затоа би требало да дадеме придонес за создавањето таков систем на одбрана, по потреба и како место за стационирање“ - вели пратеникот од конзервативната ЦСУ, Едуард Линтнер.

Ваквата идеја за сега не наидува на поддршка во владеачките партии на десницата. Но, конзервативнците се во принцип повеќе отворени за американските планови отколку социјалдемократите, кои се помал владин партнер. Тие предупредуваат од нова трка во вооружување, што е и целта на иранското раководството.

“Да работиме со некакви фантазии за вооружување, тоа нема да ни донесе поголема безбедност, туку напротив помала“ - тврди категорично пратеникот на СПД Нилс Анен.

Шефот на германската дипломатија Франк Валтер Штајнмајер, кој исто потекнува од редовите на социјалдемократската партија се чини е раскинат меѓу ставот на сопартијците и меѓународните обврски на Германија кон сојузникот од другата страна на Океанот. Поради таквата политичка шпага ставот на владата останува нејасен.

“Целата влада се залага оваа тема интензивно да се дискутира во рамките на НАТО. При тоа треба Русија што е можно повеќе да се вклучи во одлучувањето“ - изјави портпаролот на владата Улрих Вилхелм.

Ваквата изјава на владиниот портпарол е индикација дека канцеларката Ангела Меркел сака да одбегне раскол во владината коалиција. Токму тоа меѓутоа би можело да се случи зашто на земјата допрва и‘ претстои дебата околу тоа колку американските анти ракетни планови им користат, а колку им штетат на германските безбедносни интереси.