1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

И во криза германските автомобили одат како алва

Во 2011-та постигнати се рекорди во извозот и производството. Секој петти продаден автомобил во светот е од германско производство. Успешна приказна, што автомобилската бранша сака да ја продолжи и наредната година.

default

Германските автомобили најбарани во светот

Кој конструира, произведува и продава автомобили - може да се радува. На крајот од оваа деценија, според пресметките на експертите, ширум светот ќе се возат 50 проценти повеќе автомобили отколку денес. Нивниот број ќе се зголеми од 65 на 90 милиони. Матиас Висман, претседател на Здружението на германската автомобилска индустрија, е сигурен дека германските автопроизводители ќе сакаат да земат поголем дел од колачот. „Нашите претпријатија вадат на пазарот нови, интересни и многу штедливи модели. Тие постојано го зголемуваат својот меѓународен удел и со тоа обезбедуваат стопански пораст и работни места во Германија. Во истражување и развој тие инвестираат повеќе од другите во светот и затоа предводат во најважните иновативни области”, вели Матиас Висман.

Годинава плановите навистина успеаа. Германската автомобилска индустрија, значи производителите, лиферантите и производителите на приколки и надградби во 2011 година направија обрт од 358 милијарди евра. Тоа е плус од 13 проценти во споредба со минатата година. Во непосредното производство на автомобили во Германија се вработени околу 800.000 луѓе. Во Здружението на автомобилската индустрија се надеваат дека добрата состојба на пазарот ќе продолжи и во 2012 година. Меѓутоа, со оглед на заслабената светска конјунктура и европската должничка криза, Матиас Висман предупредува на значителни проблеми и предвидува „тешка работна година”: „Решавачко е во сите европски земји постепено да се враќа и спроведува веродостојна култура на финансиска стабилност. Само со говори тоа не беше сторено. Сега од многу земји слушнавме најави, но битно е говорите и ветувањата да се преточат во конкретни решенија”, вели Висман.

Програмите за штедење лошо се одразуваат врз потрошувачката

Fahrzeugbau

800.000 илјади луѓе работат во автомобилската индустрија

Пласманот на германските автомобили во Грција се намали за 35 проценти. Во Шпанија и Италија исто така се продаваат помалку германски автомобили. Меѓутоа, пласманот во Западна Европа во светски размери претставува само мал дел. Извозниот бизнис се фокусира врз земји како Кина, Индија, САД, Бразил, Русија и Турција. „Помалку од една третина од нашиот извоз на автомобили се одвива во еврозоната. Во останатиот дел од Европа, вклучувајќи ги Турција и Русија, се извезуваат уште 30 проценти. Секое седмо возило што се произведува во Германија се продава во Америка, а секое осмо во Кина. На овие два пазара е забележан посебно голем пораст на побарувачката по германски автомобили од шест, односно дваесет проценти”, вели Висман.

Поради големата побарувачка годинава германските фабрики работеа на граница на капацитетот. Дома во Германија се продадени 3,1 милион автомобили, осум проценти повеќе од лани. Три од четири германски возила се продаваат во странство. Затоа, производителите будно го следат развојот на светската трговија. Со загриженост гледаме како во светот со посебни даночни системи и други протекционистички мерки се создаваат нови пречки за трговијата, вели Матиас Висман.

Кршење на правилата

Deutschland Auto Automobilindustrie Matthias Wissmann

Матиас Висман, претседател на Здружението на автомобилската индустрија

„Забележавме неколку стотици нови кршења на светскиот трговски поредок. Во Аргентина, на пример, некои наши претпријатија смеат да внесат автомобили само доколку за возврат купат вино или други производи. И во други земји се создаваат бизарни форми на протекционизам, кои на долг рок со сигурност ќе им наштетат на тие региони, бидејќи на тој начин им ја поткопуваат способноста за конкурентност на пазарот. Меѓутоа, за земја со силен извоз, како што е Германија, тоа значи дека постојано треба да биде будна”, објаснува Висман.

Политиката мора безусловно да се залага за слободна светска трговија. Во спротивно се’ повеќе работни места во автомобилската индустрија ќе се одлеваат од Германија. Веќе сега, браншата следи една едноставна сметка: онаму каде побарувачката расте, чекор по чекор се организира и производството.

Автор: Сабине Кинкарц / Бисера Огњановска Митров

Редактор: Александра Трајковска