1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Ишингер: Немаше возвратна „љубов“ спорот за името да се тематизира во Минхен!

Иако имало идеја, според сондирањето, немало „возвратна љубов“ на панелот за решавање на отворените конфликти на Минхенската безбедносна конференција да се дискутира за спорот за името меѓу Македонија и Грција.

В четврток попладне (30. јануари), со свечено обраќање на сојузниот германски претседател Јоахим Гаук, стартува јубилејната 50-та по ред Минхенска безбедносна конференција (трае до 2. февруари) . Според претседавачот Волфганг Ишингер (на фотографијата) „најомилен дел од дневниот ред“ му е токму неделниот панел посветен на решавање на отворените конфликти на кој, имајќи го предвид неговиот ангажман на Балканот, особено се радува што на бината ќе се најдат претставници на Србија и Косово. Зошто на истото место нема да се дискутира и за спорот за името меѓу Македонија и Грција?
„Уште пред неколку месеци сондирав дали може да има интерес од грчката и македонската страна на Минхенската безбедносна конференција заеднички да информираат за состојбата на македонско-грчките преговорите околу спорот за името. Оваа идеја, меѓутоа, не наиде на возвратна ’љубов’. Може да имаме идеи, да испратиме покани, но не може луѓето да ги присилиме да учествуваат на ваква дискусија. Така, на годинашната Минхенска конференција нема да има дискусија за оваа тема. Жал ми е, но така е“, изјави претседавачот со Минхенската безбедносна конференција , Волфганг Ишингер.
Претседавачот Ишингер, меѓутоа одби да даде подетално појаснување на потпрашањето на ДВ: дали грчката или македонската страна не ја возвратиле „љубовта“? Тој меѓутоа е дециден дека многу жали што ова прашање нема да се дискутира годинава во Минхен, но категорично најави: „ Јас ќе се обидам и в година!“.
Инаку, на 50-тата јубилејна Конференција за безбедност во Минхен покрај за глобалната безбедност и трансатлантските односи, ќе се разговара и за Сирија, Украина, Иран, сајбер криминалот и секако - аферите околу прислушкувањето. За безбедноста пред 50 години, сега и утре на посебен панел ќе говорат историските актери од првата конференција: Хелмут Шмит и Хенри Кисинџер. На тридневната средба на високата политика од светот ќе учествуваат 20 шефови на држави, над 50 министри за надворешни работи и за одбрана, 40 пратеници од Бундестагот и уште толку претставници на стопанството. Македонија ќе ја претставува шефот на дипломатијата, Никола Попоски.