1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

ИФА 2013 - се’ паметно или?

Ладилник кој твитува за потрошувачката на струја, компјутерски часовник на раката кој управува со плотна - дигитализацијата е незапирлива. Новите трендови од денеска на Меѓународниот саем за електроника во Берлин (ИФА).

Станува збор за најзначајниот саем за електроника за забава и комуникации, а тоа веќе се гледа и од бројките. Околу 1.500 излагачи од целиот свет, изложбен простор зголемен за два проценти, 240.000 посетители, од кои 45.000 професионални посетители. Околу 6.000 новинари ќе известуваат за сите детали од шестдневниот саем. Кристијан Геке, менаџер на Саемот во Берлин, едвај го чека почетокот.

IFA Samsung Galaxy Gear Smart Watch Smartwatch

Апарат на Самсунг со кој се верува дека ќе се направи чекор напред во комуникациите

„Ние навистина станавме број еден специјализирано место за продажби“, вели Геке. Никаде на друго место во светот премиерно не се претставуваат толку многу производи како што тоа се прави на саемот ИФА. А, претставници на специјализирани продавници доаѓаат во Берлин за да ги видат токму тие работи. „Не сакам да зборувам за некој вид ’душкало’, но овде човек сака да најде нешто што потоа ќе му донесе приход во продажбата“, додава Геке.

Телевизорите остануваат како непродадена стока

Менаџментот очекува на ИФА да бидат склучени договори во вредност од 3,8 милијарди евра, со кои би се направиле подготовки за продажбите во празничната сезона околу Божик. Бизнисот оваа година во оваа бранша треба да донесе приход од 28,1 милијарди евра. Но, до таму има уште долг пат да се изоди, бидејќи првото полугодие од 2013 година не ги исполни очекувањата. Пад од три проценти е регистриран на пазарот на уреди за забава и комуникации.

Иако смартфоните, таблетите и електричните апарати за домаќинство се продаваат добро, класичните електронски уреди за забава доживеаја пад во продажбата поголем од 20 проценти, вели Ханс-Јоаким Камп, претседател на Надзорниот борд на Здружението за електроника за забава и комуникации. „Овој пад е значително повисок од очекуваното“, додава Камп.

Flachbildschirme von Hisense

Продажбата на телевизорите оди по надолна линија

Во тој контекст, телевизорите останаа на полиците во продавниците. Многу Германци во 2012 година купуваа телевизори пред одржувањето на Европското првенство во фудбал и поради замената на аналогниот со дигитален сигнал.

„Годинава нема ништо и тоа доведе до пад од 25 проценти во приходите од продажба на телевизори“, вели Камп.

Притоа 3Д телевизорите не можат ништо да променат. Претходно тродимензионалните телевизори се сметаа за потенцијален продажен хит, но тие не ги исполнија очекувањата. Никој не седи три и пол до четири часа со очила пред телевизор, објаснува Кемп.

Сега се полага надеж на поврзувањето меѓу телевизијата и интернетот, односно СмартТВ. Пет милиони такви телевизори веќе има во германските домови, а седум милиони би требале да бидат продадени до крајот на годинава.

Перење преку интернет

Internationale Funkausstellung IFA 2012 endet

На ИФА ќе се зборува и за новите трендови во електрониката во автомобилската индустрија

Поврзувањето на уредите со интернет и нивно вмрежување е еден од фокусите на ИФА. Тоа се однесува и на апаратите за домаќинство. Веќе неколку години на ИФА со растечки успех се презентираат такви апарати - машини за перење алишта, ладилници, кафемати и други апарати за домаќинство. Тие во меѓувреме станаа дел од дигиталниот стил на живот.

На саемот ќе бидат презентирани и новите технолошки достигнувања во автомобилската индустрија. Алан Малели, претседателот и извршен директор на Форд, ќе ги претстави технолошките новини во големиот американски автомобилски концерн, и тоа не на Меѓународниот автомобилски саем, туку на Меѓународниот саем за електроника. Причината за тоа е затоа што тој смета дека во иднина продажбата на автомобилите ќе зависи од можноста за нивно вмрежување и од „паметната технологија“, која треба да биде нивен составен дел.