1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

ИФА 2012: Побрзо, поголемо и смарт

Кој произведува телевизори, смартфони или таблет компјутери очигледно нема потреба да биде загрижен поради конјунктурата. Браншата цути и покрај кризата и тоа ќе го покаже и претстојниот Саем ИФА 2012 во Берлин.

Со висока резолуција, тридимензионални, поврзани меѓу себе, но поврзани и со интернет мрежата: тоа се телевизорите, компјутерите, мобилните телефони, камерите, како и апаратите за домаќинство на денешницата. Тие можат да се видат на најголемиот светски саем за забавна електроника, ИФА во Берлин, кој денеска (31.8.) ги отвора вратите за посетителите. Револуционерни технички иновации годинава додуша не се очекуваат, меѓутоа само со атрибутите „побрзо, поголемо, појасно“ на браншата и‘ успева кај потрошувачите постојано да буди нови апетити. Ова особено важи за најкористениот германски домашен апарат - телевизорот. Повеќе од 10 милиони апарати ќе бидат продадени само годинава, вели Михел Шидлак, од Здружението на ИТ-браншата во Германија - Битком.

„Ние имаме два тренда: првиот е тоа што луѓето поставуваат се’ повеќе телевизори во домот. Ние тргнуваме од тоа дека во Германија во секое домаќинство има во просек по 2 апарата. Како второ, преку новите функциции се‘ поголем е поттикот за купување. Луѓето сакаат едноставно подобро опремени и се‘ поголеми апарати - тоа е исто голем тренд, или функции како 3Д.“

Битно е да е смарт

На потрошувачите се чини дека не им е грижа за тоа што ниту една германска телевизиска станица не нуди тридимензионална програма и оти понудата на 3Д-филмови на германски јазик е ограничена. Најважно е дека апаратот одговара на најновиот тренд. Стандардната опрема сега веќе ја вклучува можноста да се комуницира со други апарати и со интернет, значи исто така да биде „смарт“. Повеќе од половината вкупно продадени телевизори годинава имаат такви можности, а тенденцијата расте, истакнува Ханс Јоаким Камп, потпретседателот на Здужението на електробраншата - ЦВЕИ.
„Зборот ’смарт’ се слуша насекаде. Кога ќе се погледнат смарт-телевизорите и смарт-телефоните, тогаш тоа се двете најголеми категории на производи во забавната електоника, кои заеднички остваруваат промет од повеќе од 13 милијарди евра.“

Корејците владеат со браншата

IFA Messe für Unterhaltungselektronik und Elektro-Haushaltsgeräte

Севкупно годинава прометот на забавна електроника ќе порасне на 29 милијарди евра, што е зголемување од 4 проценти. Иако ценованата борба во индустријата и натаму е голема, падот на цените на телевизорите, сепак, се чини дека е запрен. Минатата година прогнозата беше дека во 2012 ќе се намалат цените за 13 проценти. Тоа не се случи, вели Михаел Шидлак од Битком:
„Овој развој на пазарот нема да продолжи до бескрај. Трендот за апарати со голем квалитет ќе се интензивира во наредните години. Во иднина ние очекуваме дека големините на екранот ќе продолжат да растат. Ова е тренд кој ние го гледаме во сите земји и тоа го компензира некако проблемот на падот на цената“, вели Шидлак.

Германските производители на светскиот пазар на тв-апарати во меѓувреме речиси и не играат никаква улога. Кореанците владеат со браншата. Ширум светот секој трет тв-апарат е производ на „Самсунг“ или на „ЛГ“.Тие на ИФА планираат да претстават и екрани, кои работат со органски светлечки диоди, т.н Олед и нудат поинтензивни бои и поостри контрасти. Првите телевизори со ваков екран треба да се појават во германските продавници уште во текот на годинава, веројатно за време на божиќните празници. Тоа за индустријата на забавна електроника е најважен период во годината.