1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Итно потребна натамошна помош

Повеќе од 5 илјади загинати, 15 илјади повредени и преку 200 илјади луѓе без покрив над главата: тоа е моменталниот биланс на тешкиот земјотрес што го зафати индонезискиот остров Јава пред два дена

Започнаа да пристигнуваат првите пратки помош за преживеаните

Започнаа да пристигнуваат првите пратки помош за преживеаните

По повторното отворање на оштетениот аеродром во Џогџакарта, почна да пристигнува и помош. На пат кон подрачјето зафатено од катастрофата се пред се шатори, храна и медицинска помош. Спасувачките екипи и натаму трагаат по преживеани.

Десетици илјади луѓе што останаа без покрив над главата чекаат помош. Многумина двете ноќи по земјотресот ги минаа на отворено, под пластични фолии за да се заштитат од силниот дожд:

„Би сакал да имам повеќе за јадење и подобар шатор. Мора да се направи повеќе за нас. Итно ни е потребна помош„.

Пред болниците во Џогџакарта се уште илјадници се згрижени на отворено, бидејќи клиниките се преполни и не можат веќе да примаат пациенти. Директорот на централната болница Буди вели дека му недостигаат пероснал и лекови:

„Итно ни се потребни лекови за згрижување на повредените„.

Во меѓувреме започна до пристигнува првата помош. Војници и доброволци од меѓународните хуманитарни организации истоваруваат шатори и вода и им ги делат на луѓето. Џејмс Ист, од организацијата Ворлд Вижн вели:

„Делиме големи пластични покривачи за да можат да се употребат како времени шатори. Тоа е посебно важно за оние што остана без покрив над главата, зашто дождот може да стане уште посилен„.

Продолжува и потрагата по преживеани. Со голи раце се расчистуваат урнатините, но надежта дека ќе се наиде на преживеани е мала. Ариборо Сапура, еден од помагачите:

„И натаму трагаме по преживеани, но сето тоа е безнадежно. Кога ќе се види уништувањето, одвај може да се очекува да се најде некој преживеан„.

Индонезиската влада пред неколку часа побара од германската влада натамошна медицинска помош, изјави портпаролот на министерството за надворешни работи во Берлин, Мартин Јегер. Тој укажа на првата помош од 500 илјади евра што беа испратени за време на викендот. Тежиштето на германската помош е врз снабдувањето со вода и сместувалишта, а денеска во градот Бантул ќе пристигне мобилна клиника.

Индонезискиот претседател Сусилио Јудхојоно во целиот регион за наредните три месеци прогласи вонредна состојба. Од земјотресот инаку, се засили и активноста на вулканот Мерапи на островот Јава. Од саботата исфрла врела пареа и по 150 пати дневно, што е трипати повеќе од претходните денови и не се исклучува ерупција.