1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Итни консултации во еврозоната за „шпанскиот пациент“

По извештајот на ММФ за Шпанија, министрите за финансии од еврозоната попладне ќе одржат советување за натамошните чекори. Се‘ почесто се шпекулира-Шпанија ќе побара пари од фондот за спас.

Министрите за финансии ќе ги рагледаат натамошните чекори околу шпанската криза. Од Мадрид се‘ уште нема никакво барање за помош, но еврозоната се подготвува за случај такво барање да стигне, потврди шефот на Еврогрупата, Жан Клод Јункер.

Се шпекулира дека тоа ќе се случи токму викендов: Шпанија ќе побара поддршка за стабилизирање на состојбата на своите банки.

Минатите денови оваа можност беше постојано демантирана, веројатно и заради тоа да не и‘ се отежне на Шпанија снабдувањето со „свеж“ капитал. Притоа, шпанската влада во меѓувреме речиси не е во можност да се финансира на финансиските пазари. Причина: шпанските банки се ослабени поради кризата со недвижнини. ММФ во Вашингтон соопшти дека шпанските банки имаат потреба од помош од најмалку 40 милијарди евра.

Решенијата треба итно да стигнат

Шефот на Еврогрупата Жан Клод Јункер бара во ваква ситуација итно решавање на шпанската банкарска криза, иако како што тврди тој, не постојат никакви економски причини Шпанија да биде сместена под европскиот чадор за спас, ЕФСФ.

Експертите напротив веќе со месеци сметаат дека по Грција и Италија, и Шпанија може да се најде во тешка положба. Германскиот министер за стопанство Филип Реслер ја охрабри владата во Мадрид да го користи европскиот чадор за спас. Сега на потег е Шпанија, која треба да ја засили довербата во стабилноста на своите банки, изјави Реслер за весникот „Рајнише пост“. Ако на Шпанија и‘ е потребна помош во стабилизирањето на банките, таа според него треба да ја побара итно од ЕФСФ.

Во меѓувреме, американската рејтинг агенција Мудис предупреди од потребата за ново вреднување на сите земји од еврозоната, доколку високо задолжената Грција излезе од монетарната унија. Дури и земјите со најдобра оценка, „ААА“, како Германија, треба да бидат наново вреднувани, соопшти Мудис.