1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

ИТБ: Тајланд во „лов“ на германски туристи

Катастрофалното цунами од 2004-та и големите поплави од 2011-та година го намалија бројот на туристи во Тајланд. Земјата меѓутоа останува омилена туристичка дестинација.

default

Пукет е една од омилените дестинации на туристите кои доаѓаат во Тајланд

За Тајланд туризмот е важен стопански фактор. Додуша во последно време доаѓаат помалку гости во земјата, но изгледите за во иднина се добри. Таков е барем впечатокот од презентацијата на Тајланд на Меѓународната туристичка берза- ИТБ во Берлин.

Во минатата година повеќе од 19 милиони туристи ја посетија земјата во југоисточна Азија. Но со големите поплави во октомври исчезнаа и туристите. Загубите во туристичката индустрија поради тоа се проценуваат на една до две милијарди долари.

Доверба во германскиот пазар

„Поплавите секако предизвикаа одложувања или откажувања на аранжмани, но само во кус временски период. По Божикните празници повторно беше забележан раст и враќање во нормала. Во јануари забележавме раст на посети на Тајланд“, вели Сурафон Светасрени, Тајландски гувернер за европскиот пазар.

Thailand

Прекрасниот залив на островот Панг Нга

Авионите на Таи Ервејс сообрaќаат пред се’ во Азија. Цунамито од 2004. и поплавите од 2011. година го намалија за 5 насто бројот на патници на компанијата. Сега Европа треба да донесе раст. За Таи Ервејс затоа е замисливо во Германија покрај до Франкфурт и до Минхен да лета и до Берлин.

„Ние имаме голема доверба во германскиот пазар- така што тоа е опција за која треба да размислиме. За нова дестинација ни требаат повеќе авиони, но во моментов речиси целосно ги користиме нашите летала“, вели Терапол Чотичанабипал од Таи Ервејс.

Меѓутоа нови авиони веќе се нарачани. Првото летало треба да биде испорачано на лето, а последното е најавено за 2018-та година.

Автор: Уте Валтер/ Симе Недевски

Редактор: Ж. Ацеска