1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Итар политичар подготвен за рискантни сојузи

По дводневна игра на нерви, на почетокот на април, земјите членки на НАТО постигнаа договор - нов секретар да биде Данецот Андерс Фог Расмусен. Тој денес (01.08.2009) стапува на должност.

default

Во декември 2002 година, данскот премиер Андерс Фог Расмусен го доживеа зенитот во извршувањето на функцијата. На самитот на ЕУ во Копенхаген, итриот водач на преговорите ја објави спогодбата за проширување на Унијата кон Исток: „Срдечно добредојдовте во нашето семејство. Родена е нашата нова Европа.“

Но, свечено објавеното единство на континентот не траеше долго. САД притискаа на војна во Ирак. Расмусен до денес е еден од најверните сојузници на суперсилата. И во случајот со Авганистан не се колебаше долго и одлучи против старата, а за новата Европа. За испраќањето на данските трупи, без заедничка одлука и спроти традицијата за натпартиското единство, многумина Данци не му простија до денес.

Строг идеолог и флексибилен прагматичар

Внатрешнополитички, Расмусен беше еден од најуспешните и истовремено најоспорувани политичари во неговата земја. Строг идеолог, кој по децениите на социјалдемократската хегемонија, за државата се залагаше за ниски даноци и поголема самоодговорност. Но, истовремено тој е особено флексибилен прагматичар, подготвен за рискантни сојузи. За да им го приближи еврото на сонародниците, им се додоворуваше дури и на левичарските социјалисти. Откри дека екологијата му лежи на срце, па ветровитата Данска ја претвори во пионер на енергија добиена од ветрот. Данската политичка сцена загуби еден од своите најголеми таленти, признаваат дури и противниците, како водачот на социјалдеморктската опозиција, Хеле Торнинг Шмит: „Не е тајна дека ретко имавме исто мислење. Но, мислам дека ќе биде добар генерален секретар. Важна функција, голем успех, добар ден за Данска.“

Anders Fogh Rasmussen neuer NATO Generalsekretär

Андерс Фог Расмусен заедно со Јап де Хоп Шефер

Но, без Данската народна партија, непријателски настроена кон странците, која од 2001 година ја толерираше либерално-конзервативната влада на Расмусен, во политички Копенхаген ништо не е можно. Со оваа партија не беше можно воведување на еврото како и европската политика на интегарција на странците. Наместо ова, партијата постојано негодува околу приемот на Турција во ЕУ, а законите за азил беа заострени. Така беше создадена клима на ограничување, што беше добра подлога за ескалација на спорот околу карикатурите на пророкот Мохамед во данските весници, во септември 2005 година. Расмусен одби да се извини во името на неговата земја, но се обиде да ја смири ситуацијата и јасно кажа дека слободата на мислењето е недопирлива.

На Турција, новиот генерален секретар и` вети дека ќе ги подобри односите со исламскиот свет. Но, тој цврсто се придржува до своите приниципи. Данецот е убеден во значењето на антитерористичкитот поход, токму во Авганистан. По ова прашање тој сака да ја обедини и Европа.


Автор: Александар Буде / Александра Трајковска

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска