1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Италија ќе штеди

На мерките за штедење што ги воведоа повеќе европски земји ќе им се приклучи и Италија. Премиерот Силвио Берлускони и министерот за економија Џулио Тремонти ќе ги соопштат клучните елементи на програмата.

default

Силвио Берлускони

Од она што е досега познато во јавноста, италијанската влада планира да заштеди 24 милијарди евра во периодот до 2012 година. Со тоа државниот дефицит би се вратил повторно под границата од три проценти од брутодомашниот производ што ја пропишува европскиот Пакт за финансиска стабилност. Според најавите од владини кругови во Рим, само наредната година Италија треба да заштеди 13 милијарди евра. За најавениот пакет мерки за штедење да стапи на сила, неопходна е уште согласноста на парламентот.

На удар јавната администрација

Италијанската влада најавува заштеди посебно во јавната администрација. Така, платите на државните службеници треба да бидат замрзнати во наредните три години, а платите на повисоките службеници, вклучувајќи ги и министрите, треба да се скратат за 10%. Освен тоа, во јавната администрација наредниот период - до 2013 година, ќе се пополнува секое петто место што ќе се испразни по основа на пензионирање. Владата на Берлускони најавува заштеди и на полето на здравството, како и на исплатите за општинските и регионалните власти во земјата. Планирани се и засилени мерки за откривање на даночните измамници.

Flash-Galerie Symbolfoto Geiz

Државниот дефицит на Италија минатата година изнесуваше 5,3% од брутодомашниот производ. Стапката на ново задолжување беше дури и помала од европскиот просек. Но, Италија, со цели 115% од брутодомашниот производ, го има највисокиот државен долг во однос на целата евро-зона.

Сепак мора да се штеди

Премиерот Силвио Берлускони уште до почетокот на април најавуваше дека неговата земја нема да мора да воведува мерки за штедење, туку дека ќе се справи со светската економска криза и без нив. Со денешната најава за штедење, Берлускони го менува курсот и им се приклучува на другите европски земји. Така, во Шпанија владата најавува заштеди на полето на државната администрација, Франција ја покачува старосната граница за одење во пензија, а Португалија ги зголемува даноците. Во Германија за мерките за штедење ќе се разговара во текот на јуни.

И новата влада во Велика Британија најави мерки за штедење. Премиерот Дејвид Камерон порача дека намалувањето на најголемиот долг во историјата на државата ќе биде дури негов највисок приоритет. И во Данска владата најави скратувања на платите за министрите, но и на надоместот во случај на невработеност. Данска, инаку, досега имаше еден од најдобрите социјални системи во целиот свет.

Автор: Урсула Кисел/ Горан Чутаноски

Редактор: Жана Ацеска