1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Италија ја доби „единствената можна влада“

Италијанците мораа да чекаат на нова влада два месеца. Денеска кабинетот на Енрико Лета положи заклетва. Релативно младиот тим е исправен пред големи задачи, а на повидок веќе се првите закани.

По цели два месеца спорење, работите на крајот завршија прилично брзо. Во 17:15 часот вчера попладне (27.04) портпаролот на италијанскиот претседател Џорџо Наполитано излезе пред новинарите и соопшти дека на социјалдемократот Енрико Лета му успеало да состави влада, која положи заклетва веќе денеска.

Кој вршел притисок е прилично јасно - претседателот Наполитано, кој својата подготвеност за нов мандат сигурно ја условил со постигнување согласност меѓу десниот центар и централно левичарските партии кои беа раскарани по прашањето на коалициона влада.

Затоа во италијанскиот печат се вели дека е ова „Наполитано-Влада“, што го принуди претседателот на државата да ги замоли присутните новинари: „Апсолутно е непотребно да се бара посебен опис на оваа влада. Таа е политичка влада, составена во уставните рамки и според праксата на нашата парламентарна демократија“, рече Наполитано.

На сите присутни, се разбира, веднаш им беше јасно што мисли претседателот, зашто тие цели два месеца известуваа за непријатните расправии во италијанската политика. И знаеја колкава политичка умешност мораше да покаже претседателот. Наполитано на крајот нагласи: „Ова е единствена можна влада, влада чие составување веќе не смееше да се одлага, во интерес на нашата земја и во интерес на Европа.“

Млад тим

Мандатарот Лета при претставувањето на својот тим не делуваше особено одушевено. Рече дека е задоволен и додаде: „Се надевам дека имаме тим кој

Italien Regierungsbildung Giorgio Napolitano und Enrico Letta

Џорџо Наполитано и Енрико Лета во Рим

ќе се држи заедно и кој, пред се‘, е решен да се зафати со проблемите кои претстојат. Имаме многу стручњаци, помлади луѓе и толку многу жени како никогаш досега. Тоа е она што најмногу ме одушевува.“

Во 22-члената влада има седум министерки. Поранешната еврокомесарка Ема Бонино ќе биде шеф на дипломатијата. Министер за економија и за финансии ќе биде шефот на Банка д‘Италија, Фабрицио Сакомани. Партискиот секретар на Берлускони, Анџелино Алфано, ќе биде вицепремиер и министер за внатрешни работи, а досегашната министерка во тој ресор, Ана Марија Канчелиери, оди во ресорот правда.

Монти и Берлускони без функција

Во новата влада, освен социјалдемократската ПД и ПДЛ на Берлускони, учествува и центристичката партија на Марио Монти. Тој и Силвио Берлускони немаат функција во новата влада.

Се претпоставува дека, независно од личностите во владата, претходно се расчистени спорните прашања, како што е укинување на данокот на недвижен имот. Тоа беше најважното предизборно ветување на Берлускони, а ПД досега тоа стриктно го отфрлаше.

Fabrizio Saccomanni

Фабрицио Сакомани

Шефот на пратеничката група на ПДЛ Маурицио Гаспари рече дека нивниот однос кон владата ќе зависи од нејзината работа: „Тоа зависи од квалитетот на работите што ќе ги сработи оваа влада. Ако се тоа добри работи, тогаш од наша страна нема временско ограничување, но ако таа не даде јасни одговори, тогаш нема да тера долго.“

Прилично отворена закана од која станува јасно зошто во политичка Италија всушност никој не е навистина среќен. Може да се каже и поинаку - во очекување на проблемите кои треба да се решат, ова во секој случај не се најдобри предуслови за трајно стабилна влада.