1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Италија, Шпанија, Кипар: еврокризата пред камбек?

Последниве месеци стана мирно околу еврокризата. Меѓутоа, пред претстојните избори во Италија повторно порасна нервозата на финансиските пазари. А Италија не е единствениот горлив случај во еврозоната.

Во есента 2011 година еврокризата од малите економии како Грција и Португалија си го „прогриза“ патот до стапанствата од тешка категорија на Италија и на Шпанија. Пред се’ на скандали изложениот премиер на Италија се‘ повеќе стануваше предмет на потсмев и го доведе угледот на неговата земја на најниска точка. Потоа, на 12 ноември, дојде олеснувачката вест: Силвио Берлускони се повлече од функцијата, која потоа ја презема Марио Монти. Професорот по економија со санацијата на државните финансии ја поврати довербата не само во неговата земја, туку и во еврото.

За еврозоната Италија и натаму е проблематичен случај, смета економскиот експерт Ларс Фелд. „Земјата со вклучувањето на владата на Монти во партискиот систем само привремено изрази подготвеност позасилено да ја спроведува консолидацијата и да чекори во насока на структурни реформи“, изјави Фелд во разговор за ДВ.

Подготвена ли е Италија за промени?

Навистина, партиите во Италија само делумно го поддржуваа реформскиот курс на Монти. Кога ситуацијата стана сериозна со реформата на пазарот на труд, партијата на Берлускони и‘ ја откажа довербата на технократската влада и изнуди избори, кои се одржуваат на 24 и 25 февруари. Овие избори се всушност лакмусов тест за италијанската подготвеност за промени, смета Ларс Фелд.

Deutschland Wirtschaft Lars Feld

Ларс Фелд

Дали Италијанците ќе го положат овој тест е неизвесно. „Ниту еден од фаворитите за функцијата италијански премиер не полага вредност на реформски пробив“, стои во анализата на германската банка Комерцбанк. Како најголем фаворит важи социјалдемократот Пјер Луиџи Барсани. Во изборната кампања тој меѓутоа не разви никаква визија за решавање на економските проблеми на земјата, пишуваат аналитичарите на Комерцбанк.

Нема време за реформски повик

А проблемите се огромни. Од воведувањето на еврото наваму трошоците на трудот во Италија континуирано растеа, а со иста брзина се намалуваше конкурентната способност на италијанското стопанство. Некогаш иновативната и продуктивна земја на ранг-листата за конкурентната способност на Светскиот Економски Форум падна на 42. место. Извештајот „Дуинг Бизнис“, кој ја оценува бизнис климата, ја смести Италија на 73. место на листата, зад Бугарија и Казахстан. Во еврозоната само Грција има полош рејтинг.

Покрај Грција, Италија има најголем вкупен државен долг од 130 проценти од брутодомашниот производ. Стапката на невработеност е преку 11 проценти. Брутодомашниот производ забележува пад шест квартали по ред. Годинава тој веројатно ќе падне под нивото од 1999 година. Само Португалија се наоѓа во слично непријатна ситуација.

Во прилог на Италија говори нискиот буџетски дефицит, релативно отпорната индустрија и релативно солидниот банкарски систем, кој не се соочува со „меур од сапуница“ во секторот на недвижности.

Еврозона без Италија?

Она што Европејците надвор од Италија и инвеститорите во моментов тешко би можеле да го сварат е враќање на власт на Силвио Берлускони. Во изборната кампања тој имено се закануваше и со излегување на Италија од еврозоната.

До таму нема да дојде, сметаат аналитичарите на Комерцбанк. Тие сметаат дека таборот на левиот центар, предводен од Берсани, ќе победи на изборите и оти нервозата околу Италија барем привремено ќе биде надмината. Поголема опасност за еврозоната тие гледаат во Шпанија.

Шпанија: мешавина од долгови и фрустрации

На владата во Мадрид, имено, од раце и‘ се лизга контролата врз долговите. Растат како државниот дефицит, така и вкупниот државен долг. Згора на тоа тука е и презадолжениот приватен сектор. Гнили кредити се таложат во банкарските биланси. Шпанија веќе мораше од европартнерите да позајми 40 милијарди евра за спас на нејзините банки.

Досега стабилната политичка ситуација беше користена како адут на Шпанија, на пример во споредбата со Италија. Сега изгледа дека за Мадрид се врти и оваа страница. Премиерот Рахој е обвинет дека прифатил нелегални исплати. Тој додуша го негира тоа и барем засега останува на власт. Барем засега...

Deutschland Wirtschaft IFO Hans-Werner Sinn zu Griechenland

Ханс Вернер Зин

Среде рецесијата и корупциската афера на земјата сега и‘ се заканува и вториот по големина банкрот на пазарот на недвижности во нејзината историја. Градежниот концерн Рејал Урбис неделава мораше да пријави банкрот поради долговите од 3,6 милијарди евра. Цените на недвижностите во земјата се паднати за 40 проценти. Крај на кризата не е на повидок.

Кипар: чекање на спасот

Додека состојбата во втората и третата по големина економија во еврозоната е критична, на третата најмала земја во монетарната унија - Кипар, акутно и‘ се заканува државен банкрот. Островската земја со 800 илјади жители уште во летото 2012 година сакаше да земе помош од европските фондови за спас од кризата. Пари за земјата чиј БДП сочинува само 0,2 проценти од вкупниот брутодомашен производ на еврозоната со сигурност ќе имаше. Финансиските потреби од околу 17 милијарди евра се ништо во споредба со спасувачките пакети за Грција.

Меѓутоа, Кипар има репутација на даночен рај, пред се’ за богатите Руси. Токму германската влада, која сака наесен да биде реизбрана, не сака да остави впечаток дека со парите на даночните обврзници во земјата го спасува богатството на Русите.

И економистите спорат за тоа дали Кипар е системски релевантен за еврозоната и дали мора да биде спасуван. Ханс Венер Зин, претседател на Институтот за економски истражувања од Минхен (ИФО), се залага за тоа Кипар да биде оставен да банкротира, со цел и капиталните инвеститори да знаат дека може да се загубат пари ако погрешно се инвестира“, вели Зин за ДВ.

Ваквиот совет политиката меѓутоа нема да го следи. Преголем е стравот дека банкротот, па дури и на една толку мала земја како Кипар, ќе биде преседан кој повторно ќе ја наруши штотуку повторно стекнатата доверба во еврото. Се очекува на крајот на март да биде „скроен“ и спасувачкиот пакет за Кипар.